ВИДЕО: Русија и се заканува на Велика Британија

Од:

Москва ѝ се закани на Велика Британија со „последици“ по извештаите дека британски дронови за првпат биле употребени во украински напади врз цели длабоко на руска територија.

Украина користела дронови произведени од две британски компании како дел од таканаречената кампања за напади длабоко во руската територија, објави „Сандеј тајмс“ (Sunday Times).

Киев годинава ги засили нападите врз Русија, со ракети со долг дострел и роеви дронови кои сè почесто ги таргетираат руската воена индустрија и енергетските постројки.

Украинските сили ги напаѓаат и огромните магацини на „Вајлдберис“ (Wildberries), најголемиот руски онлајн трговец, при што во пожарите е уништена стока вредна милијарди евра. Со тоа, војната сè повеќе се чувствува и меѓу руското население, повеќе од четири години по почетокот на руската инвазија врз Украина.

Руската амбасада во Велика Британија во понеделникот соопшти дека извештаите „потврдуваат дека Лондон намерно избира ескалација на украинската криза“.

Амбасадата ја обвини Британија дека „се обидува да ја запре Русија и да ѝ нанесе максимална штета преку посредник“.

„Постапките на Лондон неизбежно ќе имаат последици за кои тој ќе мора да одговара“, се наведува во соопштението.

„Колку подлабоко е вклучен во конфликтот и колку е поголема неговата поддршка за терористичкиот апарат на Киев, толку поголема цена ќе плати“, додаде руската амбасада.

Портпарол на британското Министерство за одбрана изјави дека „Британија стои рамо до рамо со Украина“ и дека е посветена на обезбедувањето опрема што ѝ е потребна на Украина за одбрана од „нелегалната инвазија на Путин“.

„Русија не треба да се сомнева во решителноста на оваа влада да се спротивстави на руската агресија – во Украина, но и против Обединетото Кралство и нашите сојузници“, рече портпаролот.

Се верува дека украинската стратегија со напади со беспилотни летала со долг дострел има цел да ги намали приходите на Москва за финансирање на војната и да обезбеди последиците од инвазијата да ги почувствуваат и руските граѓани.

Според податоците на независниот набљудувач на конфликти Acled, во јули биле изведени трипати повеќе вакви напади отколку во јануари.

Повторените напади длабоко на руска територија ја принудиле руската армија да ја распореди противвоздушната одбрана на многу пошироко подрачје.

Руското Министерство за одбрана во саботата соопшти дека соборило 598 украински беспилотни летала над 19 руски региони, како и над Црното и Азовското Море и анектираниот украински полуостров Крим.

Би можело да ве интересира

(ВИДЕО) Зеленски за операцијата „Вивалди“: Елиминиравме 10.600 Руси за една недела

ВИДЕО: Русија го нападна Киев, загина маж, повредени деца

Катерина Ѓуровски

ВИДЕО: Украина најавува „Армија на роботи“

ВИДЕО: Средбата беше непотребна – Лавров по разговорот со германскиот шеф на дипломатијата

(ВИДЕО) На работ на пропаст: Нема храна, вода ни лекови, луѓето од очај јадат трева

(ВИДЕО) Парализа на Украина: Русите отворија нов фронт