Неидентификувани дронови се забележани над четири аеродроми во Данска, поради што еден од нив беше затворен неколку часа, соопшти данската полиција.
Дроновите се видени над аеродромите Есјберг, Скирдструп, Сендерборг и Алборг, од кои вториот беше затворен за сообраќај. Алборг е град во северна Данска.
Портпаролот на аеродромот Алборг одби да коментира за бројот на пријавени дронови, но локалната полиција потврди дека е забележан голем број.
Footage published earlier tonight by Norwegian state media, claiming to show one of the large, unidentified drones that shutdown Copenhagen Airport in Denmark for several hours on Monday. pic.twitter.com/IeosEuRd7n
— OSINTdefender (@sentdefender) September 23, 2025
„Активноста на дронови го нарушува нормалното работење на аеродромите на аеродромот Алборг. Затоа, воздушниот сообраќај е затворен и сите летови се откажани од сега“, рече Јеспер Бојгард, началник на локалните полициски сили, додавајќи дека тие продолжуваат да ја следат и контролираат ситуацијата.
Полицијата, исто така, посочи дека останува прашање дали дроновите видени над Алборг имаат врска со оние од пред два дена во Копенхаген.
Аеродромот во Копенхаген беше затворен речиси четири часа во понеделникот вечерта откако неидентификувани дронови беа забележани над пистата, соопшти данската полиција.
Според Ројтерс, сведоците опишале како леталото ги имало вклучени светлата и останало на висина што го оневозможило слетувањето и полетувањето, што укажува дека не било управувано од аматер, туку од некој со сериозно знаење и опрема. Полицијата изјави дека дроновите, според проценката на истражителите, биле управувани од „способен оператор“.
Сличен инцидент е регистриран истиот ден во Осло, каде што сообраќајот на аеродромот бил прекинат три часа. Норвешките власти сè уште не ги поврзале двата случаи, но, според Ројтерс, тие се во постојан контакт со данските истражители додека истрагата за потеклото на дроновите продолжува.
Во изјава за националното радио, данската премиерка Мете Фредериксен го нарече појавувањето на дроновите над аеродромот во Копенхаген најсериозен напад врз клучната инфраструктура на Данска досега: „Тоа кажува нешто за времето во кое живееме и за што ние како општество мора да бидеме подготвени“.
„Отворени сме за сите опции за тоа кој стои зад ова. Не можам да ја исклучам можноста дека е Русија. И тоа јасно се совпаѓа со развојот на настаните што ги видовме неодамна со други напади со беспилотни летала, кршење на воздушниот простор и сајбер напади врз европските аеродроми“, рече Фредериксен.
„Очигледно целта беше да се наруши сообраќајот и да се создадат немири. Да се создаде загриженост. Да се види колку далеку може да се оди во тестирањето на границите. Видовме беспилотни летала над Полска кои не требаше да бидат таму, видовме активности во Романија, кршење на естонскиот воздушен простор, имаме хакерски напад врз европските аеродроми во текот на викендот, а сега беспилотни летала во Данска и Норвешка“, заклучи данската премиерка.
Кремљ изјави дека „нема докази“ за тврдењата за руска вмешаност во инцидентот и дека затоа „не ги сфаќа сериозно“.