САД, Данска и Гренланд потпишаа нов одбранбен договор со кој на Вашингтон му се овозможува да воспостави дополнителни одбранбени области на Гренланд, додека истовремено се потврдува данскиот суверенитет над арктичкиот остров.
Американскиот претседател Доналд Трамп пред церемонијата на потпишување на договорот, одржана за време на Генералното собрание на ОН во Њујорк, изјави дека САД веднаш ќе почнат со развој на посилно воено присуство на соодветни локации.
Данската премиерка Мете Фредериксен оцени дека договорот е добар за САД, Данска и Гренланд, но и за Европа и НАТО. Премиерот на Гренланд, Јенс-Фредерик Нилсен, изјави дека договорот претставува ситуација во која сите три страни добиваат.
Договорот ги менува и дополнува одредбите од одбранбениот договор меѓу Данска и САД од 1951 година. Со него се предвидува можност САД да воспостават дополнителни одбранбени области во Нарсарсуак на југот и Местерсвиг на истокот на Гренланд.
Нарсарсуак е поранешен цивилен аеродром и воена база од Втората светска војна, со пристап до длабоки води и долга писта. Местерсвиг е оддалечена и слабо развиена локација која ја користи данската морнарица.
Сепак, условите и техничките детали за евентуалните американски бази допрва треба да бидат утврдени. Според договорот, за нивното воспоставување ќе биде потребна согласност од сите страни.
Со договорот не се отстапува територија на САД. Во него се потврдуваат суверенитетот и територијалниот интегритет на Кралството Данска, како и правото на Гренланд на самоопределување.
Вашингтон веќе управува со вселенската база Питуфик на северозападниот дел од Гренланд. Новиот договор овозможува САД да ги модернизираат и прошират активностите во постојната база.
Во договорот исто така се наведува дека држави кои не се членки на НАТО нема да можат да воспоставуваат сопствени воени објекти или да одржуваат постојано воено присуство на Гренланд.
Потпишувањето следува по повеќемесечни тензии околу идниот статус на Гренланд. Трамп во минатото зборуваше за можноста САД да го преземат островот, повикувајќи се на националната безбедност, неговата стратешка положба и природните ресурси.
Данска и Гренланд тогаш остро се спротивставија на таквите изјави и го нагласуваа данскиот суверенитет и правото на Гренланд на самоопределување.
Фредериксен по потпишувањето изјави дека договорот претставува пресвртница во долгорочната соработка меѓу Данска и САД и нагласи дека тој ги почитува суверенитетот и територијалниот интегритет на Кралството Данска и правото на Гренланд на самоопределување.
Нилсен изјави дека договорот ги зема предвид интересите и правата на населението на Гренланд, како и развојот на островот. Тој додаде дека Гренланд има значајна улога за безбедноста на Северна Америка и трансатлантскиот простор.
Договорот исто така предвидува дека Гренланд би останал дел од НАТО доколку во иднина стекне независност од Данска.
Договорот од 1951 година и досега му дозволуваше на Вашингтон да распоредува американски војници на Гренланд. Во базата Питуфик моментално се распоредени повеќе од 100 американски воени лица.
Новиот договор треба дополнително да биде одобрен од парламентите на Данска и Гренланд.
