(ВИДЕО) Аларм во Европа: резервите на гас на минимум, а се најавува исклучително студена зима

Од:

Европа се приближува кон постудените месеци со најниско ниво на залихи на природен гас во последните 13 години, што предизвикува загриженост на енергетските пазари и стравувања од „зимска паника“ меѓу трговците со енергенси.

Складиштата за гас во Европската Унија во последната недела од август биле исполнети околу 63 отсто, што е значително под просекот од 80 отсто за крајот на август во претходните години.

Според аналитичарот за гас и професор Грег Молнар, со сегашното бавно темпо на полнење, ЕУ би можела да ја започне зимската грејна сезона со залихи кои ќе бидат околу 20 отсто под петгодишниот просек и на најниско ниво од 2013 година.

„Ниските нивоа на залихи природно го зголемуваат ризикот од поголема нестабилност на цените во текот на зимата“, изјавил Молнар.

Тој предупредил дека ситуацијата би можеле дополнително да ја влошат подолги студени периоди или периоди со слаб ветер, што би ја зголемило потрошувачката на гас.

Велика Британија би можела да биде особено погодена од пазарните осцилации. Земјата е меѓу најголемите потрошувачи на гас во Европа, но има еден од најмалите капацитети за складирање.

Британија вообичаено се потпира на увоз на гас преку гасоводи од Европа или преку танкери со течен природен гас (LNG) од САД и Блискиот Исток.

Крис О’Ши, извршен директор на Centrica, сопственик на British Gas, оваа недела изјави дека Велика Британија за претстојната зима има „речиси воопшто гас во складиштата“.

Залихите во ЕУ тешко се зголемуваат кон ублажената цел од 80 отсто исполнетост до почетокот на зимата, откако војната меѓу САД и Израел и Иран предизвика сериозни нарушувања во извозот на нафта и гас од регионот на Персискиот Залив.

На празнењето на европските складишта придонеле и студениот крај на минатата зима, како и поголемото производство на електрична енергија од гас во текот на овогодишните топлотни бранови во Европа.

Во нормални услови, складиштата се полнат во текот на летото, кога побарувачката и цените се пониски.

Цените на гасот на европскиот пазар во последните недели нагло се зголемија. Референтната цена се искачи над 68 евра за мегават-час (MWh), што е повеќе од двојно во споредба со почетокот на годината.

Причина е сè поголемото очекување дека европските купувачи ќе мора да се натпреваруваат со азиските купувачи за испораки на течен природен гас (LNG) кога температурите ќе почнат да се намалуваат.

Според аналитичари на Goldman Sachs, доколку не се обнови извозот на гас од Блискиот Исток, референтната цена во Европа би можела да надмине 100 евра за MWh за да се привлечат доволни количества гас за покривање на зимската побарувачка.

„Европскиот пазар на природен гас во текот на изминатата недела западна во своевидна зимска паника“, изјавил Бјарне Шилдроп, главен аналитичар за суровини во скандинавската банкарска група SEB.

Иако не се очекува Европа оваа зима физички да остане без гас, трговците очекуваат значително повисоки цени.

Најголема загриженост има во западна Европа, каде што залихите се значително пониски отколку во земји како Италија и Полска, кои успеале да ги наполнат складиштата над 80 отсто.

Во Германија, која има најголем капацитет за складирање гас во Европа, складиштата се исполнети околу 50 отсто. Во Белгија и Холандија, кои се директно поврзани со британскиот гасен пазар преку гасоводи, исполнетоста е околу 51, односно 45 отсто.

Зависноста на Велика Британија од глобалниот увоз на гас се очекува дополнително да се зголемува со падот на производството во британскиот дел од Северното Море.

Британската влада разгледува планови за директна финансиска поддршка за заштита на домашната гасна инфраструктура. Тоа би можело да вклучува финансиска помош за сопствениците на складишта и операторите на гасоводи, со цел да се обезбеди нивно одржување и унапредување во наредните децении.

Во меѓувреме, британскиот регулатор за енергетика Ofgem соопшти дека просечните сметки за гас и електрична енергија од октомври ќе се зголемат за четири отсто.

Ова следува откако во почетокот на јули сметките веќе поскапеа за 13 отсто, поради растот на глобалните цени на енергенсите поврзан со војната на Блискиот Исток.

Би можело да ве интересира

(ВИДЕО) Најмалку 35.000 луѓе починаа поради топлотните бранови во Европа: црни рекорди се соборени низ целиот континент

Нема доволно гас: Германија стравува за зимата

Предраг Петровиќ

За два месеци поради горештините во Европа 32.000 починати повеќе од очекуваното

А1он

Пожарите во Европа ќе се зголемат за 39% дури и во најдоброто климатско сценарио

Украина ја пречекува есента со недоволни резерви на гас

ВИДЕО: Зошто Европа се загрева двојно побрзо од остатокот на светот