Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека важноста на природниот гас во глобалниот енергетски сектор, индустријата и меѓународната трговија ќе продолжи да расте, истакнувајќи дека гасот моментално учествува со една четвртина во глобалниот енергетски микс.
Говорејќи на Форумот на земјите извознички на гас во Москва, Путин нагласи дека Русија поседува едни од најголемите резерви на природен гас во светот и останува клучен играч на глобалниот енергетски пазар.
Тој оцени дека со откажувањето од руските енергетски испораки, Европа ѝ нанесува штета на сопствената индустрија.
„Кој на друг му копа јама, самиот паѓа во неа“, забележа рускиот претседател, коментирајќи ја одлуката на европските земји да ја намалат зависноста од руските енергетски извори.
Путин нагласи дека секоја држава има право самостојно да го одредува развојот на својот енергетски сектор – без разлика дали станува збор за јаглеводороди, нуклеарна енергија, хидроенергија или обновливи извори.
Сепак, според него, природниот гас продолжува да зазема значајно место во глобалната енергетска структура.
Рускиот претседател исто така укажа на потребата од подобрување на транспортните рути за испорака на гас, повикувајќи ги земјите извознички да разгледаат потенцијални нови правци. Според него, Русија изградила производствен систем кој овозможува диверзификација на испораките, развој на преработката на гас и проширување на гасохемиската индустрија.
Путин изјави дека Русија ја користи својата производна, научна и индустриска база за развој на националната економија, истовремено позиционирајќи се како сигурен и предвидлив снабдувач со гас на меѓународниот пазар.
