ВИДЕО: 13 убиени во нападот врз седиштето на американската Воена морнарица

Од:

Крвавиот напад во Системската команда на американската воена морнарица во Вашингтон заврши со вкупно 13 убиени, 12 цивили вработени во командата и убиецот, кој по нападот беше идентификуван како Арон Алексис (34).

Алексис бил вработен во компанија која ги одржувала компјутерите на американската армија, и со тоа имал пристап до Нејви Јард, големиот комплекс на административни згради во кругот на старото бродоградилиште во Вашингтон, во кое е главното седиште на воената морнарица на САД. Во зградата каде што го извршил нападот, Алексис почнал да пука од четвртиот кат, врз приземната кафетерија која била преполна со луѓе кои дошле за појадок.

– Ќе продолжеше да пука додека има муниција, да не дојдеа полицајците, изјави шефот на полицијата на Вашингтон Кети Ланиер.

Сведоците на нападот велат дека Алексис молчел за време на нападот, и неколку пати го менувал и полнел оружјето. Вкупно 12 лица беа убиени, а уште 15 лица се тешко ранети, задржани во болници низ Вашингтон.

Полицијата претпоставува дека нападот го започнал вооружен само со едно парче оружје, двоцевна сачмарка, која ја купил неколку дена претходно во близината на Вашингтон, во градот Лортон во државата Вирџинија која има прилично отворени закони за поседување оружје.

Понатаму, деталите се уште не се целосно јасни, но се претпоставува дека Алексис првин застрелал лица од обезбедувањето во Системската команда, и продолжил да го користи нивното оружје. Така, покрај сачмарката, во нападот, користел и пиштол и пушка АР-15. Оваа пушка стана веќе озлогласена во САД, во неколкуте масовни напади во кои убијци го користеа токму ова оружје, кое претставува полуавтоматска копија на познатата воена автоматска пушка М-16. Масакрот во училиштето во Њутаун минатата година, и во кино-салата во градот Аурора во Колорадо беа извршени токму со оваа пушка.

Согласно правилата на американската армија, воените бази и секако административните згради се прогласени за зони во кои не е дозволено носење на оружје. Единствениот отпор на Алексис дошол од специјалната полициска единица која неколку минути по првите истрели се појавила во зградата. Сведоците велат дека неколку луѓе самите се жртвувале да го привлечат вниманието на убиецот и да им дадат можност на нивните колеги да побегнат.

– Им помогнав на колеги да се евакуираат од зградата. Во еден момент бев во уличка надвор од зградата, кога вработен во одржувањето дојде да ми каже дека напаѓачот се уште е во зградата. Во тој миг се слушна истрел и работникот беше погоден во глава. Сигурен сум дека е убиен, изјави Тим Џајрус, морнарички офицер.

Гери Хјумз, компјутерски техничар, изјави дека животот го спасил благодарение на тоа што задоцнил неколку минути на работа.

– Одев накај зградата и слушнав нешто како експлозија. Потоа видов како луѓе трчаат надвор, и се засолнив во соседната зграда. Господ беше на моја страна овој ден, изјави Хјумз.

Нападот, кој се случи набргу по годишнината од нападите на 11 септември, и среде драмата околу најавуваниот напад на САД врз Сирија, предизвика страв во Вашингтон и во САД дека се работи за терористички чин. Поголем дел од југот на градот, меѓу реките Анакостиа и Потомак, беше затворен за сообраќај, додека најмалку пет хеликоптери и неколку воени авиони патролираа на небото.

Хеликоптерите помагаа во евакуирање на вработените во Нејви Јард, кои спасот го побарале на покривите на зградите, како и во пренесување на повредените во болниците.

Џенис Орловски, главна докторка во болницата Џорџ Вашингтон, беше забележителна со своите изјави во текот на денот. Таа ја информираше јавноста за бројот на пациенти примени во болницата, видно потресена, за на крај да даде и свое видување за нападот.

– Има нешто зло во нашето општество кое ние како Американци мора да раотиме да го искорениме. Ајде да го запреме ова. Ова не е Америка, изјави докторката Орловски.

 Полицијата го држеше овој дел на градот под блокада до доцна во попладнето. Седум училишта беа во таканаречен лок-даун, кога пристапот до нив е строго ограничен и контролиран. Бејзбол екипата Вашингтон Нешнлс го откажа натпреварот планиран за попладнето, на стадионот кој е во непосредна близина на Нејви Јард.

Како техничар ангажиран од  компанија која работела на компјутерите во Системската команда во Нејви Јард, Арон Алексис имал документ за влез во командата. Услов за да ја добие оваа дозвола за влез во командата е да биде извршена проверка на неговото минато, односно да нема криминално минато или случаи на насилство. Бидејќи Алексис зад себе имал неколку случаи на насилно однесување, се претпоставува дека поради кусите временски рокови му била издадена само привремена дозвола за влез во командата, додека да се изврши потребната детална проверка.

Полицијата се уште утврдува дали Алексис потоа во некој од претходните денови ја сокрил сачмарката во кругот на командата, или ја донел со себе на денот на нападот.

Веста дека Алексис имал соучесници подоцна беше демантирана. Полицискиот шеф Кети Ланиер во еден момент информираше дека полицијата трага по уште две лица, кои граѓани ги пријавила како можни соучесници бидејќи ги забележале со оружје. Едното од овие лица било подоцна лоцирано, и полицијата утврдила дека нема никаква врска со нападот.

Другиот осомничен не е пронајден, но исказите на очевидците не укажуваат дека и тој има врска со нападот, туку се претпоставува дека се работело за човек кој решил да се вооружи откако забележал дека во тек е напад.

Некои од институциите во Вашингтон беа затворени во текот на денот.

Сенатот беше ставен под силно полициско обезбедување, а неколку сослушувања беа одложени. Пред Белата куќа полицијата бргу и силно реагираше откако граѓанин фрли петарда преку ограда, на тревникот. Полицајците веднаш го претресоа и го уапсија, стравувајќи дека се работи за напад врз претседателот на САД.

Би можело да ве интересира

Ослободена е невината жена која поминала 43 години во затвор во САД

Горан Наумовски

Во Лос Анџелес е издадена наредба за евакуација поради ширење на шумски пожар

(ВИДЕО) Избегната трагедија во забавниот парк Оукс: Се расипа „нишалото“, посетители висеа на 30 метри висина

Смит: И се заблагодарувам на Македонија за одвојувањето на два проценти од БДП за одбраната

Горан Наумовски

Ројтерс: Се намалува бројот на илегални преминувања на мексиканско-американската граница

САД: Четири лица се повредени кога мал авион паднал во двор на куќа во Денвер