Ван Ромпуј и шефовите на групите во ЕП ќе го договараат новиот претседател на ЕК

Од:

Претседателот на Европскиот совет Херман ван Ромпуј доби задача од шефовите на државите и Владите на земјите членки на Европската унија да се консултира со кандидатите за претседател на Европската комисија, но и со сите претставнички на политичките партии што допрва ќе се конституираат во Европскиот парламент, со цел да се договори идниот заменик на Жозе Мануел Барозо на чело на неформалната Влада на Унијата.

Како што јавува дописникот на МИА од Брисел, заедно со заклучокот за ситуацијата во Украина, ова е централниот заклучок на синоќешната неформална вечера на првите луѓе на Унијата која траеше неколку часа и заврши точно 15 минути пред полноќ.

На заедничката прес-конференција по вечерата, Ван Ромпуј и Барозо ги соопштија заклучоците, при што првиот човек на Советот нотираше дека резултатите од европските избори покажале различна ситуација кај земјите-членки, микс од континуитет и промени, но дека гласачите испратиле силна порака, што, според него била срцето на синоќешната дискусија.

– Со шефовите на државите и владите на ЕУ-земјите разговаравме како да се воспостави стратешка агенда на ЕУ и како нашата Унија да продолжи да чекори напред. Во однос на преговорите за иден претседател на Еврокомисијата, Декларацијата 11 од Договорот на Унијата е она што не води, па затоа, земјите-членки ми дадоа задача, прво да започнам консултации со сите релеванти групи во Европарламентот, откако ќе бидат формирани и ќе биде избран новиот претседател на законодавниот дом и првите луѓе на групите. Во дискусиите нема сaмо да се разговара за имињата на кандидатите, туку и за идните приоритети на ЕУ и стратешката агенда – посочи Ван Ромпуј.

Според претседателот на Советот, сите лидери на земјите-членки се согласиле дека клучно прашање е да се постават главните приоритети на Унијата во однос на петте круцијални години што следат, па затоа синоќа се усогласени клучните ориентации, како што пред се е излез од финансиската криза и поставување на позитивна агенда на економски раст, работни места и конкурентност. Според Ван Ромпуј, освен поразвиена економска и монетарна унија, целта е да се зачува и сегашниоо облик на ЕУ, како и да се формира енергетска унија и да се направи притисок за олеснување на енергетска зависност. “Слобода, безбедност и правда е императив за сите нас. Мора да ги зачуваме клучните права на слобода, безбедност и да поведеме борба со нерегуларната емиграција, криминалот и измамите, да ги засилиме надворшените односи, како на еворпско, така и на национално ниво“, посочи челникот на Советот.

Стратешката агенда за курсот на ЕУ, според Ван Ромпуј ќе се дискутира и на Самитот во јуни, за што се очекува придонес од сите земји-членки, а веќе постои и конкретен предлог за тоа од страна на шест земји-членки. Тој исто така додаде дека дел од четиричасовната дискусија, синоќа минала и за настаните во Украина и одржаните претседателски избори во оваа поранешна советска република, што, според претседателот на Европскиот совет, ќе биде клучно на Самитот на земјите од Г-7 што идната недела ќе се одржи во Брисел.

За тоа што е договорено за Украина, но и за поплавите на Балканот, што исто така било тема на синоќешниот состанок, појасни претседателот на Комисијата, Жозе Мануел Барозо:

– Изјавата која ја договоривме за Украина е едногласна и значајна, односно база што ЕУ-институциите и земјите-членки во Г-7 ќе ја следат. Централната порака покажува дека Унијата стои зад легитимно избраното ново раководство на земјата и дава поддршка за стабилизација на земјата. Ние стоиме обединети во поддршката и за тоа брзо ќе испорачаме и помош. Па, затоа, од перспектива на Еврокомисијата, насочивме три клучни области. Прво, прогрес во уставните реформи преку национален дијалог, за што е обезбедена програма за макрофинансиска асистенција од една милијарда евра, плус договоривме уште 355 милиони евра, како и влез во втората фаза од преговорите за визна либерализација. Второ, работиме за поддршка на земјата во однос на стабилизација на економијата, за што е обезбеден пакет од 11 милијарди евра помош. И, трето, интензивно работиме за зголемување на енергетската безбедност, не само за Украина, туку и за ЕУ – посочи Барозо.

Во контекст на енергетската безбедност, претседателот на ЕК го посочи неодамнешниот договор меѓу Украина и Словачка за набавка на гас, но истакна дека Брисел се обврзува да посредува за договор со Русија во однос на долгот за гасот, за идната цена на овој енергенс и за транзицискиот систем на гасот. Според Барозо, со добра волја на Украина и Русија и посредување на Европската унија, тој договор може наскоро да се постигне, оти како што рече: “Русија има резерви на гас, а Украина е и транзитна земја во интерес и на ЕУ, а енергијата не треба да се користи како политичко оружје“. Па, во однос на ова, тој најави дека Колеџот на комесари утре ќе направи енергетска безбедносна стратегија со сеопфатен план.

– На крајот на неформалната вечера со чефовите на државите и владите на ЕУ-земјите, разговаравме и за поплавите на Балканот, при што истакнав дека Комисијата, на барање на владите на Хрватска, Босна и Херцеговина и Србија, работи за помош и солидарност, па по тој повод ЕУ итно го активираше механизмот за цивилна заштита и во координација со земјите-членки ќе понудиме поддшка од солидарниот фонд на Унијата. Во однос на фондот, Србија ќе биде третирана како земја-членка, па властите на оваа земја ќе треба да презентираат оценка од штетите и брзо ќе се одреди помош – додаде Барозо.

Претседателот на Европската комисија се осврна и на договорот што Бугарија го постигнала неодамна со руска компанија поседувана од извесен Тимченко кој е на листа за санкции на САД, со цел оваа компанија да го гради гасоводот за “Јужен тек“ кај нашиот источен сосед. Според Барозо, Советот синоќа донел јасна одлука за ЕУ да остане обединета во однос на енергетската безбедност и дека за ова прашање е потребн ЕУ да остане обединета.

– Некои од договорите на државите низ кои ќе минува “Јужен тек“ се спротивни на правилата на ЕУ и ние како Комисија ќе реагираме во однос на тоа. Денеска, на состанок во Комисијата, го информирав бугарксиот премиер Пламен Орешарски за интенцијата на ЕК за да осигураме почитување на правилата за внатрешен пазар и со овој случај се става на ризик бугарската енергетска безбедност, доколку не се почитуваат овие правила. Комисијата секогаш ќе реагира кога правилата на внатрешниот пазар, посебно за енергијата, нема да се почитуваат – предупреди Барозо.

Според плановите, идната недела во Брисел ќе се одржи Самитот на земјите од Г-7, а на 20-ти јуни е закажан и Самитот на Европскиот совет, каде, меѓудругото, се очекува да се разговара и во однос на проширување на Унијата и земјите-кандидати.

Би можело да ве интересира

Ахмети: Александар Дугин, главата на руските политики има партија во Македонија

Нови промени за сообраќајните казни во ЕУ: Никој веќе нема да може да ги избегне

ЕУ постигна привремена спогодба за нови правила за трговија со огнено оружје

СДСМ: ЕУ е единствен патоказ за подобра македонска иднина

А1он

Европската Комисија ќе обезбеди општи рамковни услови за почеток на преговорите со Украина за пристапување во ЕУ

ЕУ за А1он: Измените на Законот за игри на среќа не упатуваат ниту на ограниченото европското законодавство

Александар Тодески