Саудискиот милијардер, принцот Алвалид бин Талал е уапсен во големата акција на полицијата против корупцијата, на чија мета се најдоа десетина принцови и министри на Саудиска Арабија. Државните медиуми известуваат дека досега ссе уапсени 11 принцови и 38 поранешни министри, пратеници и бизнисмени.
Принцот Алвалид е еден од најбогатите луѓе на Блискиот исток, а инвестираше во комапнии како што се “Твитер“, „Епл“, „Ситигруп“.
Во Саудиска Арабија е познат по тоа што се залага за поголеми права на жените. Според телевизијата „Ал Арабија“, меѓу уапсените е и министерот за Националната гарда, Митеб бин Абдулах и министерот за економија, Адел Факех.
Од слобода се лишени и некогашниот министер за финансии Ибрахим Ал Асаф и екс гувернерот на провинцијата Ријад, Турки бин Абдулах ал Сауд. Уапсени се и бизнисмените и милијардерите Мохамед ал Амуди и Салех Камел.
Како што пренесуваат странските медиуми, сменети се и членови на Саудијската народна гарда, на елитната внатрешна безбедносна организација како и на морнарицата.
Во јуни оваа година престолонаследникот Мухамед бин Салман беше поставен на чело на државата откако неговиот татко, кралот на Саудиска Арабија, Салман Ал Сауд одлучи да се откаже од поранешниот престолонаследник, Мухамед бин Наиеа.
До масовни апсења доаѓа веднаш по основањето на антикорупциската комисија, со која претседава токму новиот престолонаследник.
Мухамед бин Салман кој има 32 години, е главна фигура на владата, полицијата, одбраната и економијата. По се изгледа сака да ги запре внатрешните превирања пред формалното пренесување на власта од неговиот татко, кралот Салман кој има 81 година.
Бин Салман вети „умерена“ Арабија, и прекинување на имиџот на државата која долго време се смета за извозник на вехабизмот. Покрена неколку реформи како право на жените да возат автомобил и отворање на кино сали.