Полскиот премиер Доналд Туск изјави дека е неопходно да се зајакне безбедноста во Балтичкото Море. Туск предложи патролирање во соработка со НАТО и националните единици, нагласувајќи дека таквите мерки се неопходни за обезбедување на регионот.
Туск денеска ќе отпатува во Хелсинки на самитот на НАТО Балтичките држави, каде ќе се разговара за безбедноста на регионот, стратешката поморска инфраструктура и зајакнувањето на присуството на НАТО во Балтичкото Море, како и за заканите од руската „флота во сенка“.
Премиерот потсети дека на 27 ноември во Стокхолм, Полска предложи зајакнување на контролата во Балтичкото Море, со учество на балтичките држави. Предлогот уследи по серијата инциденти на море со бродови што превезуваат нафта.
Туск изјави и дека светската јавност е „шокирана“ од учеството на овие бродови во диверзантски акции, вклучително и напади на подводна инфраструктура. Тој потсети дека Финска и Естонија неодамна биле жртви на такви акции. Премиерот ја истакна важноста од ефикасно следење кој и како влијае на безбедноста на Балтичкото Море.
Тој посочи и дека покрај политиката се работи и за бизнис, па затоа е неопходно да се обесхрабрат оние кои профитираат од саботажа на море. Туск истакна дека ниту една земја не може да го контролира секој квадратен метар од Балтичкото Море, но дека е важно земјите да бидат подготвени за каква било закана.