Тунискиот премиер Хабиб Есид ги обвини денеска Велика Британија и Франција за сегашниот хаос во Либија, посочувајќи дека тие сега имаат обврска да им помогнат на Тунис и на регионот, да се спасат од џихадистите на Исламска држава (ИД).
Во интервју за лондонскиот весник „Индипендент“ Есид вели дека воената интервенција на Западот, од 2011 година, што ја предводеа Британија и Франција, доведе до соборување на Моамер Гадафи, но таа ја предизвика и дестабилизацијата на Либија, претворајќи ја нејзината државна територија во „лесно ранлив“ и погоден простор за меѓународниот тероризам.
„Ние (во Тунис) сметаме дека сегашната состојба во Либија е последица на воената интервенција од 2011 година, затоа што таа создаде хаос во оваа земја„- вели за „Индипендент“ тунискиот премиер.
Според Есид, Тунис и порано и сега е против било каква воена интервенција, па затоа во тунискиот главен град се инсистира на изнаоѓање политичко решение за хаотичната ситуација во Либија.
Премиерот Есид вели дека Британија и Франција „се одговорни за она што се случи и за она што сега се случува“, па затоа апелира до Лондон и до Париз да им помогнат на туниските власти и на домашната полиција во обезбедувањето на гранците на земјата.
„Тоа е неопходно, затоа што тероризмот нема граници“, порачува Есид.
Изјавата на тунискиот премиер доаѓа по соопштението на лондонската Метрополитен полиција, која учествува во истрагата за терористичкиот напад во Сус, заедно со домашните безбедносни сили, дека нападот во музејот Бардо од март годинава и нападот на хотелската плажа во Сус, од 26 јуни, се поврзани и дека полицијата за тоа, располага со „силни докази“.
Вкупно, 60 лица, во најголем број странски туристи беа убиени во овие два терористички напади, што се случија во Тунис за само три месеци. Повеќе од половината од вкупниот број на жртвите, беа Британци.
Одговорноста за двата напади ја презеде Исламска држава, а сознанијата на истрагата покажуаат дека убиецот на плажата во Сус и двајцата напаѓачи во музејот Бардо, биле обучувани во камп на џихадистите, на либиска територија, како и дека во Тунис дошле од Либија.
Изјавата со критики до Британија, Франција и Западот за воената интервенција во Либија, од пред повеќе од четири години, е првиот случај досега, некој висок функционер од арапскиот свет, каков што е тунискиот премиер, да го осуди насилното тргање од власт на Гадафи и тоа да го поврзе со сегашната ситуација.
Од тогаш, оваа северноафриканска земја живее во политички и безбедносен хаос.
Либија се уште нема вистински Парламент, има две влади (во Триполи и во Тобрук) со земјата управуваат разните локални милиции, повеќето под контрола на исламистички групи, а се развива сепаратизмот и намерата за отцепување на со нафта и гас богатиот Исток, со кој се управува од Бенгази и од каде порачуваат дека распределбата на природното богатство „не може да се управува од Триполи“.