Здрав сум, немам никакви наследни болести, крвна група 0+. Нудам мој бубрег за паричен надомест, вака гласи еден од огласите со кои очајни Јужноевропејци преку наддавање ги продаваат своите органи.
Според Светската здравствена организација (СЗО) илегалната трговија со човечки органи е повторно во пораст, откако беше зафатаена со стагнација пред неколку години. Порастот не се случува само на традиционалните пазари за трговија со човечки органи како Пакистан, Бразил, Филипини и Кина. И во Јужна Европа во услови на продлабочена економска криза очајни луѓе нудат на продажба бубрези, рожници, бели дробови, коскена срцевина, пишува шведскиот дневен веснник „Гетеборг-постен“.
Весникот ја пренесува приказната на Павле Мирцов (50) и на неговата девојка Даниела од Ковин, Србија, кои преку Интернет ги нудат на продажба своите бубрези за 30.000 евра.
-За да обезбедиме храна за своето семејство ниту продажбата на бубрег не е голема жртва, вели Мирцов за „Њујорк тајмс“, додавајќи оти му требаат пари за да ги школува своите деца. Досега тие добиле понуда од 20.000 евра од една жена од Македонија и уште една понуда од Германија.
Според СЗО во текот на 2010 се извршени околу 107.000 трансплантации, при што се проценува дека секој десетти пресаден орган бил набавен на црниот пазар. Овие податоци произлегуваат од проценките на мрежа хирурзи, кои известуваат околу сопствените операции и од специјалисти кои контролираат дали, на пример, пациенти на дијализа од нивните болници заминуваат на операции во странство.
Многумина трговијата со човечки органи ја означуваат како експлоатација. – Тие што заработуваат на овој вид трговија се богати пациенти кои имаат средства да купат бубрег, лекарите, болничките администратори, посредниците и шверцерите. Тоа е сосема погрешно, морално погрешно, вели Џон Фејли, британски професор по медицина и специјалист за бубрежни болести.