Трамп стигна во „Нова Европа”

Од:

Дојче Веле – Берлин

Пред доаѓањето во Хамбург на Самитот на Г-20, Доналд Трамп допатува во Варшава каде се среќава со 12-те лидери на „Иницијативата на три мориња“.

Меѓу тие земји меѓу Балтикот, Црното и Јадранското море, Полска сака да има главна улога.

Тензиите во Варшава растат веќе со денови. Не е прв пат некој американски претседател да доаѓа во Полска: по посетата на Ричард Никсон во 1972 година, биле вкупно десет такви настани.

Тоа не е ни прв состанок на регионалните лидери во Полска, но сега сето тоа се случува одеднаш. Доналд Трамп, еден сосема поинаков американски претседател, во Варшава се состанува со дванаесет лидери на држави од Естонија, до Бугарија, вклучувајќи ја и Австрија.

Како што се слушна од Белата куќа, Трамп во Полска сака да искаже „непоколеблива поддршка од САД на некои од своите најблиски соработници и да потенцира дека еден од најголемите приоритети за актуелната американска влада е јакнење на колективната одбранбена моќ и НАТО”.

Се работи и за „заедничките вредности и интереси” и потесна врска со Централна Европа. Трамп има намера во таа прилика да положи венец на жртвите на Варшавското востание и да одржи „важен” говор.

За американските лидери посетата на Варшава речиси секогаш е нешто како посета на домашен терен: демонстранти речиси и ќе нема, но затоа ќе има многу докази за историските врски и пријателството на Полска и САД.

Варшава нема да се покаже само како добар домаќин на лидерот на „Земјата на неограничени можности”, туку и како иницијатор за регионалната „Иницијатива на три мориња”.

Полскиот претседател Анджеј Дуда за таа иницијатива неуморно се залага, последниот пат тоа беше во Братислава овој мај.

– Полска сака преку таа регионална заедница да учествува во изградба на цела евроатланска целина, изјави Дуда.

Централна Европа за Полска е „сосема природно политичко опкружување” и затоа Варшава се стреми Централна Европа да биде „безбедна и кохерентна и економски динамично да се развива”.

Дуда укажува дека слично на соработката меѓу источните членки на НАТО (полскиот претседател ги нарекува „Деветорката од Букурешт”) и на оваа иницијатива целта е да делува внатре во постоечките структури на Европската унија.

„Иницијативата на три мориња” не се стреми кон создавање на некој блок ниту сака да спроведува сопствена надворешна политика, уверуваат од тие земји.

Исто така, тоа не е замена за Вишеградската група, најконкретен облик на соработка во тој регион и алка меѓу Полска, Унгарија, Чешка и Словачка.

Наместо тоа, „Иницијативата на три мориња” се залага за заеднички инфраструктурни проекти како што е автопат меѓу северот и југот преку истокот на Европа, т.н. Виа Карпатија, а желба е и да се помогне на сиромашните региони покрај источната граница на Европската унија.

Треба да се подобри и протокот на земниот гас и други енергенти преку земјата, поради безбедноста во снабдувањето, а и поради по успешна конкуренција на пазарот.

Дуда верува дека сето тоа се „логични последици” од членството во ЕУ и НАТО.

Сепак, сите тие идеи звучат познато, еднаш веќе постоеше една полска иницијатива „Меѓу морињата” во која Варшава пред Втората светска војна се обидувала да создаде поврзаност на помалите земји стиснати меѓу нацистичка Германија и агресивниот Советски Сојуз, со познатиот резултат.

Морињата тогаш биле само Балтичкото и Црното море, а сега Полска сака крак кон Јадранот, т.е. кон Хрватска; првиот состанок на Иницијативата и е одржан во 2016 година во таа земја.

И уште едно сеќавање се буди и тоа токму поради посетата на Трамп, кога САД во 2003 година појдоа во симнување на режимот на Садам Хусеин во Ирак. Германија објави дека „не е подготвена за авантури”, но во „Воената коалиција” се најдоа и Полска и Унгарија и Чешка, како и новите членки на НАТО кои тогаш самите се нарекоа „Нова Европа”.

Значи, овие денови Трамп се сретнува со таа „Нова Европа”, со владите, барем тие во Унгарија и Полска, кои исто така се многу скептични кон либералната демократија и естаблишментот.

И иако е вистина дека многу од тие земји од истокот се загрижени поради нејасниот став на Трамп кон Русија и НАТО, Полска сепак го пушта американскиот претседател да биде главен јунак во својата чудна игра.

Така може да почне ново пријателство меѓу САД и „Нова Европа”, овој пат и со помош на два нови фактори: со првата испорака на течен гас од САД во Полска, што на таа земја и дава надежи дека може да ја прекине својата речиси целосна зависност од рускиот гас и второ, фактот дека за прв пат војниците на НАТО нависитна се присутни во Полска и на Балтикот.

Во почетокот на годината свечено е отворена команда на единица на НАТО во Полска и државите на Балтикот во Елблагу во северна Полска. Тука се наоѓаат и 280 офицери од 13 земји кои командуваат со борбена група со 1.270 претежно американски војници.

Додуша, тоа праќање на војници на НАТО речиси и да нема врска со Трамп, тоа го одлучи НАТО уште во текот на мандатот на Барак Обама и тоа беше реакција на руската агресија против Украина и звецкањето со оружјето од Москва против целото НАТО.

Посетата на Трамп на Варшава пред самитот на Г-20, во Полска се сфаќа како јасно признание на верноста на Полска на САД и како јасен политички знак. Од друга страна, во Варшава не сакаат да видат дека тоа може да се сфати и како чекор кон уште поголема поделба внатре во Европската унија.

А за Трамп таа посета е и прилика барем некаде во Европа да биде дочекан со аплауз и овации, што сигурно нема да го добие на самитот во Хамбург и во западна Европа.

Би можело да ве интересира

САД: Судири на пропалестински протести, приведени околу 300 студенти

Трамп: Апсењето на студенти во Њујорк „беше убаво за гледање“

Земјотрес со јачина од 4,1 степени според Рихтер го погоди Лос Анџелес

(ВИДЕО) Полицијата во САД усмрти ученик пред училиште откако доби информација дека има пиштол

Хамас: САД вршат притисок да го прифатиме договорот со Израел

А1он

Вучиќ за негодувањето на САД што нови министри се на американската црна листа: Тоа е изборот на граѓаните на Србија

Предраг Петровиќ