Американскиот претседател Доналд Трамп објави дека постигнал договор со рускиот претседател Владимир Путин за испорака на големи количества руски дизел на американскиот и светскиот пазар, со цел да се намалат цените на горивата во САД. Станува збор за значителен пресврт во американската политика кон Русија, против која Вашингтон воведе обемни санкции поради инвазијата врз Украина, пишува Асошиејтед прес.
Трамп на социјалните мрежи објави дека телефонски разговарал со Путин и дека се договориле за испорака на милиони тони дизел. Според неговата најава, Русија веднаш треба да испорача повеќе од 300.000 тони гориво.
Трамп: Русија веднаш ќе испорача 300.000 тони дизел, а потоа уште милиони тони
„Штотуку завршив многу успешен разговор со рускиот претседател Владимир Путин, за време на кој се договоривме Русија веднаш да испорача повеќе од 300.000 тони дизел на американскиот и светскиот пазар, дополнителни 500.000 тони во текот на ноември, а потоа уште еден милион тони“, објави Трамп.
Тој најави и испорака на дополнителни три милиони тони во краток рок, во зависност од состојбата и капацитетите на руските рафинерии. Вкупно, според најавата, станува збор за повеќе од 4,8 милиони тони дизел.
Трамп тврди дека договорот ќе придонесе за брзо намалување на цените на горивата во САД и во остатокот од светот.
„Намалувањето на цените за Американците, особено за нашите одлични земјоделци, сточари и возачи на камиони, е мој најголем приоритет“, порача американскиот претседател.
Вашингтон привремено ги ублажува санкциите
Американското Министерство за финансии набргу по објавата на Трамп издаде привремена дозвола со која се овозможува испорака на руски дизел на светскиот пазар.
Ова претставува значителен пресврт, бидејќи Трамп минатиот месец потпиша нов закон за санкции против Русија. Со него се предвидени дополнителни мерки против руски функционери, банки и танкери со кои Москва ги заобиколува постојните санкции, како и ограничувања на инвестициите во руската економија.
САД уште во 2022 година, по почетокот на руската инвазија врз Украина, го забранија увозот на руска нафта и други енергенси.
Засега не е познато кога најавените испораки физички би пристигнале, ниту колкаво количество дизел директно би завршило во САД, а колкаво би било наменето за други пазари.
Цените на дизелот нагло пораснаа поради војната со Иран
Договорот доаѓа во момент кога администрацијата на Трамп се обидува да ги ограничи цените на горивата, кои нагло пораснаа поради војната меѓу САД, Израел и Иран и нарушувањата во глобалното снабдување со енергенси.
Според податоците на Американската автомобилска асоцијација (ААА), просечната цена на дизелот во САД во петокот изнесувала 6,23 долари за галон. Од почетокот на војната со Иран, цените пораснале за околу 70 отсто.
Трамп претходно во текот на денот најави голема објава поврзана со дизелот, но тогаш не откри детали. Неговата администрација веќе се обиде да го ублажи растот на цените со пуштање нафтени резерви на пазарот и привремени даночни олеснувања за дизел-горивото.
Новата најава доаѓа помалку од еден месец пред американските конгресни избори на 3 ноември, на кои ќе се одлучува за контролата врз Конгресот.
