САД ги предупредуваат сојузниците да се подготват за можни напади врз Иран по изборите

Од:

Американски официјални лица предупредиле неколку земји од Блискиот Исток и регионални сојузници да се подготват за можноста САД повторно да започнат воени операции против Иран по изборите во САД, закажани за 3 ноември.

Според двајца дипломати запознаени со пораките од Вашингтон, на сојузниците им било посочено да ја земат предвид и можноста за иранска одмазда. Дипломатите зборувале анонимно бидејќи не се овластени да коментираат чувствителни предупредувања што ги пренеле американски дипломатски и одбранбени претставници.

Тие нагласиле дека претседателот Доналд Трамп сè уште не донел конечна одлука за нови напади врз Иран. Сепак, Трамп во повеќе наврати изјави дека размислува да нареди нова воена акција по клучните избори на 3 ноември.

Иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи во средата објави на Икс дека Техеран „сè уште ѝ дава шанса на дипломатијата да успее“ и дека со посредниците разгледува идеи вклучени во предлогот што Иран го достави минатиот месец.

Трамп веднаш го отфрли предлогот, но иранската страна и понатаму сака тој да послужи како основа за враќање на примирјето.

Во меѓувреме, Министерството за надворешни работи на Обединетите Арапски Емирати објави соопштение во кое ги повика страните „да покажат мудрост и да бараат политичко решение за смирување на тензиите“, со цел да се спречи враќање на воените операции со полн интензитет во војната што почна кон крајот на февруари.

Американските власти ги информирале регионалните сојузници дека евентуалната нова воена операција би можела да трае неколку дена. Сепак, регионалните претставници се подготвуваат за можноста Иран и групите што ги поддржува да возвратат, што би можело да доведе до подолготраен конфликт, изјавија дипломатите.

Американските претставници ги повикале сојузниците да преземат и превентивни мерки, бидејќи очекуваат иранскиот одговор да вклучува напади врз енергетски постројки и друга критична инфраструктура.

Иако САД не го нападнале Иран од почетокот на септември, ситуацијата на Блискиот Исток станала посложена.

Конфликтот се проширил, а бунтовниците Хути, кои ги поддржува Иран, напаѓаат нафтена инфраструктура и аеродроми во Саудиска Арабија. Коалицијата предводена од Саудиска Арабија возврати со смртоносни напади врз територии во Јемен под контрола на Хутите.

„Волстрит џурнал“ претходно објави дека земјите од Заливот биле известени да се подготват за можна ескалација на воените активности на САД.

Засега не е јасно колку брзо по изборите американската војска би била подготвена повторно да ги започне нападите.

Кон крајот на минатиот месец, Пентагон испрати од Сан Диего кон Персискиот Залив носач на авиони „УСС Теодор Рузвелт“, заедно со неколку амфибиски десантни бродови со маринци. Вкупно биле распоредени околу 9.000 војници за зајакнување на американските сили во регионот.

Тогаш американски претставник изјави дека ова распоредување би можело да доведе до невообичаено големо присуство на американската морнарица во регионот, со повеќе од 20.000 морнари и маринци и стотици летала. Такво ниво на присуство во последните две децении било забележано само неколкупати.

Во април, американската морнарица имаше три ударни групи носачи на авиони на Блискиот Исток, првпат од 2003 година.

Трамп, кој во последните недели се фокусира на кампањата за републиканските кандидати пред изборите на 3 ноември, избегнува да каже какви се неговите следни планови за Иран.

Војната се покажа како голем товар за републиканските кандидати во обидите да ги придобијат гласачите, кои се незадоволни од растот на цените на бензинот. Последиците од конфликтот ги зголемија трошоците во речиси сите сектори на светската економија.

Трошоците за војната со Иран за американските даночни обврзници достигнале 47,1 милијарда долари, според најновата процена што Пентагон му ја доставил на Конгресот.

За време на кампањата во поддршка на републиканците, Трамп постојано ги уверуваше гласачите дека крајот на војната е близу, но истовремено се закануваше дека нов бран бомбардирања би можел да следува по изборите.

На предизборен митинг во вторникот во Лабок, Тексас, Трамп изјави дека конечниот крај на конфликтот, кој трае осум месеци, би можел да дојде „за неколку недели, ако немате ништо против“.

„Некој претходно ме праша кога ќе заврши војната во Иран“, рече Трамп во истиот говор. „Му одговорив: ’Кога и да посакам јас‘. Тоа ќе се случи многу брзо, но мора да заврши како што треба, со целосна и конечна… целосна изјава дека никогаш нема да имаат нуклеарно оружје.“
Стравувања дека Иран би можел да нападне прв
Иако Трамп можеби размислува за воена акција по изборите, во регионот постои стравување дека Техеран би можел да преземе провокативен потег и пред нив, особено ако процени дека американски напад е непосреден.

Ова го изјави Џонатан Шанцер, извршен директор на Фондацијата за одбрана на демократиите, тинк-тенк од Вашингтон кој зазема цврст став кон Иран.

„Зошто би чекале да поминат изборите овде, ако би можеле први да тргнат и можеби да стекнат предност?“, рече Шанцер.

Би можело да ве интересира

Трамп размислува за укинување на санкциите кон Русија

Војната со Иран ги чинела САД над 47 милијарди долари, Пентагон пресметува нови трошоци

„Волстрит џурнал“: САД се подготвуваат за можен краток, но интензивен воен судир со Иран

Горан Наумовски

(ВИДЕО) Синот на Болсонаро побегна во САД по изборниот пораз, Трамп му одобри виза

Горан Наумовски

Хамнеи: Иран продолжува да управува со Ормутскиот теснец

ВИДЕО: Демократите го обвинуваат Трамп за сексуално злоставување девојки поврзани со Епстин, бараат независна истрага