Американскиот претседател Доналд Трамп ја отфрли загриженоста на Украина во врска со неучеството во американско-руските разговори во Саудиска Арабија за ставање крај на војната во Украина и рече дека не се противи Европејците да испратат мировници во земјата ако сакаат.
Европските лидери разговараа за испраќање мировници како безбедносна гаранција во случај да се постигне мировен договор.
„Би било добро да има војници таму, јас не би се спротивставил на тоа“, им рече Трамп на новинарите во неговата резиденција Мар-а-Лаго во Палм Бич.
Тоа е прва изјава на Трамп откако делегациите на САД и Русија започнаа дијалог за Украина во Ријад претходно во вторникот.
„Русија сака да направи нешто“, рече американскиот претседател, истакнувајќи дека Украина можела да постигне договор пред многу години.
Тој ја отфрли украинската загриженост дека тие биле исклучени од состанокот, додавајќи дека требало да започнат разговори многу порано.
Трамп продолжи: „Можев да склучам договор за Украина што ќе им ја даде речиси целата земја, сè, речиси целата земја, и никој немаше да биде убиен, ниту еден град немаше да биде уништен, ниту една купола немаше да биде срушена. Но, тие избраа да не одат по тој пат“.
Тој го обвини и поранешниот претседател Џо Бајден за неговата политика кон Украина. Тој го коментираше и неодржувањето избори во Украина.
„Зарем народот на Украина не треба да каже нешто како „Знаете, помина долго време откако немавме избори“. „Тоа не е работа на Русија. Тоа доаѓа од мене и од многу други земји“, рече Трамп.