Британската Кралска морнарица минатата недела спроведе тридневна операција за следење на четири руски пловила кои минувале низ британските територијални води. Надзорот се одвивал додека руските бродови се движеле од Северното Море кон Ла Манш.
Во операцијата учествувале британските бродови HMS Duncan, HMS St Albans и HMS Severn, а воздушна поддршка обезбедувал хеликоптер Merlin. Британските сили го следеле рускиот разурнувач „Адмирал Левченко“, како и товарните бродови „Генерал Скобелев“ и „Спарта“, кои се под санкции и се движеле кон Довер.
Русија jа испрати фрегатата „Неустрашими“ за да обезбеди придружба на конвојот.
Командантот на британската морнарица, адмирал Гвин Џенкинс, порача дека Лондон нема да попушти во надзорот на руските пловила.
„Заедно со нашите сојузници, со овој пристап ја принудуваме Москва да ги повлекува руските воени бродови од нивните примарни задачи. Тоа го правиме бидејќи Русија знае дека сме подготвени повторно да реагираме доколку биде потребно“, изјави Џенкинс.
Британската морнарица неодамна предупреди на зголемена руска активност во британските води. Во јули британските сили 21 ден следеле руски бродови, што е за 25 отсто повеќе од истиот период минатата година. Руските воени бродови повеќепати биле забележани во Доверскиот Теснец и Северното Море.
Во јуни британските кралски маринци се качија на рускиот танкер „Smyrtos“ и го запленија. Тоа беше прва директна интервенција на британските сили врз брод од таканаречената руска „флота во сенка“, која опфаќа повеќе од 500 пловила под британски санкции.
Кремљ во последните денови упати остри пораки кон Велика Британија, откако британскиот премиер Енди Барнам го посети Киев. За време на посетата, тој најави британска воена поддршка за Украина, вклучително и планови поврзани со компонентите за далекуметните ракети „SCALP“.
Од Москва предупредуваат дека континуираната британска и западна поддршка за Украина ја зголемува опасноста од директна конфронтација меѓу Русија и НАТО. Поранешниот руски министер за надворешни работи Андреј Федоров изјави дека не може целосно да ја исклучи можноста за „полувоена“ акција против Велика Британија како одмазда, при што спомена и можни напади врз британски фабрики за производство на дронови од „непознати извори“. Русија како што најави, нејзините танкери под санкции ќе бидат придружувани од воени бродови за да се спротивстават на нивното запленување.
