Националните телевизии во Индонезија, во трка за поголема гледаност, а со тоа и за повеќе реклами и профит, заборавиле на законската обврска најмалку 10 отсто од програмите да бидат со локални содржини.
Тоа, за некои од нив ќе значи непродолжување на лиценците, за чија важност од денеска до крајот на месецов ќе расправа националната Комисија за електронски медиуми.
Правилата, воведени во 2002 година, налагаат и ТВ станиците да бидат дел од децентрализацијата во 256-милионската Индонезија. Куќите со национална лиценца, според законот, мора да имаат регионално организиран „бродкастинг систем’’.
Тоа значи дека не е препорачливо ТВ куќа од Суматра во емисиите да има најмногу материјали од Џакарта или од светот, а да ги запостави локалните настани.
Минатата година Комисијата за електронски медиуми има изречено 49 казни за ТВ станиците што не ги почитувале правилата за доволно присуство на содржини од локален карактер. На две им е намалено траењето на програмата, а за 10 ТВ станици ќе расправа и сецијална комисија во индонезискиот Парламент.
Пред седиштето на Комисијата во Џакарта деновиве протестираат казнетите ТВ станици, но казните остануваат, а се најавуваат и поостри санкции.