Една од најтрогателните фотографии создадени по страшните земјотреси во Турција и онаа која најмногу го обиколи светот е фотографијата на татко кој ја држи за рака својата ќерка која загина под урнатините во Кахраманмараш.
Таткото Месут Ханчер за прв пат ја раскажа својата приказна пред ТВ камерите на Канал Д.
Тој понеделник Месут Ханчер (49) не ја пушти раката на својата 15-годишна ќерка Ирмак, која беше затрупана во урнатините. Фотографијата на таткото облечен во портокалова јакна со неопислива болка на лицето остави длабок впечаток на Турција и на целиот свет.
Објаснувајќи дека во моментот на земјотресот работел во пекара, таткото рече дека штом се затресе тлото прво се јавил кај семејството и дознал дека сопругата, двете ќерки и синот се добро.
Тој рече дека неговата најмлада ќерка Ирмак таа вечер останала кај баба и: „Таа вечер дојдоа роднините на Ирмак и таа отиде кај баба и да биде со нив“, рече тој.
„Кога и се јавив на баба ѝ тоа утро, никој не ми одговори. Истрчав таму, се молев на Бога зградата да биде цела..Се обидов да ја извлечам мојата принцеза со голи раце, но не можев. На крај, морав да ја оставам во урнатините“, рече тој.
Тој рече дека таа загинала во првиот земјотрес и дека немало начин да се спаси. Тој рече дека дури по три дена успеале да го најдат телото поради купот урнатини. Девојчето е погребано пред два дена.
Во земјотресот загинаа и мајката на Месут, односно бабата на девојчето, неговите двајца браќа и уште седум други лица.
„И нашата куќа е оштетена, не можеме да влеземе во неа, нема каде да одиме“, рече Месут Ханчер.