Светските лидери бараат прекин на судирите во Нагорно Карабах

Од:

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека САД ќе се обидат да го запрат насилството што изби меѓу Ерменија и Азербејџан.

– Ние многу внимателно ја следиме ситуацијата. Имаме многу добри односи во тој регион. Ќе видиме дали можеме да го запреме, порача Трамп.

Американскиот Стејт департмент го осуди насилството и повика на итен прекин на конфликтот и каква било реторика или други активности што можат да ја влошат ситуацијата.

Демократскиот кандидат за претседател на САД и поранешен потпретседател Џо Бајден изјави дека непријателствата во регионот може да прераснат во поголем конфликт.

Тој ја повика администрацијата на Трамп да побара повеќе набљудувачи на линијата на раздвојување и Русија да „престане да обезбедува оружје“ на обете страни.

Турција соопшти дека разговара со членовите на групата од Минск, која посредува меѓу двете земји.

Рускиот претседател Владимир Путин телефонски разговараше со ерменскиот премиер Николај Пашинијан, но деталите од разговорот не се објавени.

Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган разговараше со азербејџанскиот претседател Илхам Алиев.

Ердоган вети поддршка за традиционалниот сојузник Азербејџан, велејќи дека Ерменија е „најголемата закана за мирот во регионот“ и го повика „целиот свет да застане покрај Азербејџан, во неговата борба против инвазијата и злосторствата“.

Од друга страна, Грција го потенцираше пријателството со Ерменија и изрази подготвеност да помогне во намалувањето на тензиите во Нагорно Карабах. Во телефонскиот разговор меѓу министрите за надворешни работи на Грција, Никос Дендиас и на Ерменија, Зограб Мнацаканиан, потврдени се силните пријателски врски меѓу двете земји.

Грција претходно изрази посебна загриженост за новата ескалација на непријателствата меѓу Ерменија и Азербејџан и повика на воздржаност, итен прекин на воените дејствија и враќање на преговарачката маса во рамките на Групата од Минск, која функционира во рамки на ОБСЕ.

„Мирното решение на спорот за Нагорно Карабах во согласност со меѓународното право е единствениот начин да се постигне регионална стабилност и безбедност“, се вели во соопштението на грчкото МНР.

ЕУ и ОБСЕ, исто така, ги повикаа двете страни да ги запрат воените активности и да се вратат на преговорите.

Папата Франциск апелираше до Ерменија и Азербејџан да ги решат своите разлики преку преговори.

Генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш ги повика Ереван и Баку веднаш да ги прекинат непријателствата и да се вратат на преговарачката маса. Гутереш ја осуди употребата на сила и изрази жалење што меѓу жртвите има цивили. Тој, исто така, најави дека наскоро ќе се слушне со премиерот на Ерменија, Никола Пашинијан, како и со претседателот на Азербејџан, Илхам Алиев.

Апел за прекин на непријателствата дојде и од НАТО. Страните во конфликтот во Нагорно Карабах мораат итно да го прекинат судирот и да започнат мировни преговори, се вели во изјавата на специјалниот претставник на генералниот секретар на НАТО за Кавказ и Централна Азија, Џејмс Апатурај.

Во соопштението се наведува дека НАТО е длабоко загрижен поради воените конфликти од големи размери долж линијата на раздвојување во Нагорно Карабах, објавено е на веб-страницата на Алијансата.

„Страните во конфликтот мора итно да ги прекинат непријателствата, што веќе доведоа до загуба на животи на цивили. Нема воено решение за овој конфликт”, се вели во соопштението.

НАТО ги повика сите страни да продолжат со преговорите кон мирно решение, нагласувајќи дека во таа смисла ги поддржува напорите на Групата од Минск.

Во меѓувреме, властите во регионот Нагорно Карабах денеска потврдија дека уште 15 војници се убиени во судирот со азербејџанските сили, со што вкупниот број настрадани достигна 31. Вчера, властите од тој регион објавија дека 16 војници се убиени, а над 100 се повредени.

Претходно, претседателот на непризнатата Република Нагорно-Карабах пријави десетици убиени и ранети, така што не беше прецизирано колку се настрадани.

Борбите во регионот траат од вчера изутрина меѓу силите на Ерменија и Азербејџан. Баку и Ереван меѓусебно се обвинуваат за започнување на конфликтот.

Министерството за одбрана на Ерменија соопшти дека Карабах бил „подложен на воздушни и ракетни напади“ од Азербејџан. Баку тврди дека ерменските сили први отвориле оган, а азербејџанските трупи започнале со контраофанзива.

Етничките Ерменци во Нагорно Карабах прогласија независност за време на конфликтот, кој изби по распадот на Советскиот Сојуз во 1991 година.

Иако се договорија за прекин на огнот во 1994 година, Азербејџан и Ерменија меѓусебно се обвинуваат за нападите околу Нагорно Карабах и по должината на државната граница меѓу двете земји.

Би можело да ве интересира

Ерменија бара повлекување на руската војска од аеродромот во Ереван

Ерменија: Не сакаме во НАТО

Америка предупредува на нова војна на Кавказ: „Ќе нападнат“

Започна нова војна меѓу Азербејџан и Ерменија во Нагорно Карабах

(ВИДЕО) Тепачка во ерменското Собрание: Народните избраници во жесток клинч, обезбедувањето ги разделуваше нервозните пратеници

Горан Наумовски

Конфликтот во Нагорно Карабах продолжи, има загинати, се користат минофрлачи и дронови

Ана Ололовска