Светот и понатаму жали за повеќе од 50.000 жртви од разорниот земјотрес што ја погоди Турција на 6 февруари.
Три недели по земјотресот кој уништи повеќе од десет провинции во Турција и соседна Сирија, спасувачките операции се прекинати, а не се знае уште колку луѓе се затрупани под урнатините.
Секојдневно од Турција пристигнуваат трагични приказни за семејствата кои ги загубија своите најблиски на 6 февруари, а приказната за трагедијата на младиот Осман Енес ги потресе сите. Осман се родил по еден разорен земјотрес, а во друг настрада.
Осман Енес Баштурк е роден на 17 август 1999 година, кога Турција ја погоди разурнувачки земјотрес со јачина од 7,6 степени според Рихтеровата скала, кој однесе повеќе од 18.000 животи. Тој загина во земјотресот со јачина од 7,7 степени кој на 6 февруари пред зори речиси ги срамни со земјата десет провинции во Турција.
Семејството Бастурк се преселило од Газиантеп во Нурдага три дена пред најголемата природна катастрофа во последните 100 години. Разорниот земјотрес ги затекнал Осман и неговото семејство во нов дом.
Таткото Мехмет, мајката Асја и братот Емирхан биле со Осман во куќата во моментот кога се почнало да се руши. Младиот Осман загинал додека го штител својот помал брат со своето тело.
По неколкучасовна акција спасувачите успеале од урнатините да ги извлечат Мехмет, Асја и Емирхан, но за Осман немало спас.
„Таа ноќ се случи катастрофа. Како да беше пуштен пекол меѓу нас. Станав да се помолам во 03:05 часот, а потоа повторно заспав. Само што заспав, се случи земјотрес и зградата почна да се тресе. Снема струја и во следниот момент се почна да пропаѓа, останавме закопани“, вели неутешниот татко Мехмет.
Успеал сам да се извлече од урнатините.
„Ги слушнав гласот на мојата сопруга и мојот помал син. Копавме и копавме. По околу 6 часа успеавме да ја извлечеме Асија, а мојот мал син по осум или девет часа“, вели Мехмет.
Таткото на настраданиот Осман се уште не може да поверува дека еден разорен земјотрес му го дал синот, а го однел друг.
„Мојот син се роди утрото на 17 август 1999 година, кога имаше земјотрес, а настрада сега, во овој земјотрес. Болката што ја чувствувам е неопислива. Господ да му даде место на рајот. Бог ни го даде 23 години“, вели таткото.
„Тој го постави своето тело за да го заштити брат му, за да не се повреди брат му“, вели Мехмет.
Семејството остана без Осман и без покрив над главата.
„Сега живееме во шатор во селото. Бевме во болница околу 12 дена, а потоа се преселивме во шатор. Сè уште не стигнала помош. Живееме од она што го имаме. Го изгубив син ми во оваа катастрофа. Веќе немам куќа. Ја молам власта да ни помогне, бидејќи не знаеме каде одиме, не знаеме како да преживееме“, вели Мехмет.
Мајка Асја од својата тага едвај успева да проговори.
„Она низ кое поминавме е неописливо. Го доживеавме крајот на светот. Се вселивме во таа куќа пред три дена. Не стигнавме ни до третото утро… Сега треба да го закопаме нашиот син“, вели неутешна мајка.
Таа вели дека сите биле во една соба кога куќата почнала да се урива.
„Изгубив свест. Син ми ме разбуди, ме викаше и ме праша како сум. Му реков дека сум добро. Го прашав како е, како е неговиот брат. Ми рече: „Бато не зборува, раката му е ладна како мраз”. Постариот син го заштити брат му со телото, себе не можеше да се заштити. Мојот Осман е роден наутро кога имаше земјотрес, загина исто наутро во разорен земјотрес. Ние изгубивме се“, вели Асја.