Петте постојани членки на Советот за безбедност на ОН денеска се собраа за да ја разгледаат ситуацијата во Сирија, соопштија дипломатски извори во седиштето на светската организација во Њујорк.
Средбата се одржува зад затворени врати и е по иницијатива на САД. Во консултациите можат да се вклучат и други држави.
Состанокот е свикан по изјавите на западните земји за евентуална воена интервенција против Сирија.
Велика Британија е подготвена во текот на денот да поднесе резолуција до Советот за безбедност, во која ќе се осуди сириската Влада за наводниот минатонеделен напад со хемиско оружје, при што загинаа повеќе стотици луѓе.
Кабинетот на британскиот премиер Дајвид Камерон соопшти дека Велика Британија ќе бара „одобрување на неопходните мерки за заштита на цивилите“ во Сирија.
Русија веднаш се изјасни дека е против ваквата резолуција.