Главниот извршен директор на фармацевтскиот гигант „АстраЗенека“, Паскал Сорио, упати апел до европската јавност да покаже разбирање во врска со одложувањата на планираните испораки на вакцините против Ковид-19, додавајќи дека компанијата не е законски обврзана со одредена временска рамка, јави ДПА.
-Тоа не е обврска што ја имаме кон Европа, изјави Сорио за италијанскиот весник „Ла Република“. Токму спротивно, додаде тој, „рековме дека ќе се потрудиме“.
ЕУ го потпиша својот договор со нашата комапнија три месеци подоцна отколку што го стори тоа Велика Британија, но очекуваше испораките да бидат истовремено, кажа Французинот во интервјуто, објавено доцна синоќа, пренесува германската агенција.
Европската комисија, која во август лани склучи договор за набавка на 400 милиони дози од вакцината произведена од Универзитетот во Оксфорд, е бесна откако британско-шведската компанија минатата недела соопшти дека ќе доцни со испораките.
ЕУ соопшти дека очекувала до крајот на март да добие 80 милиони дози, но сега очекува само 31 милиони, додава ДПА.
– ЕУ има цел до крајот на февруари да и се испорачаат 17 милиони дози, соопшти Сорио, нагласувајќи дека вакцината ја произведуваат без профит.
Официјалните претставници на ЕУ попладнево ќе треба да спроведат трет состанок во ова криза со претставниците на земјите-членки и компанијата.
„Одложувањата се предизвикани од прашања поврзани со зголемувањето на производството на лекови на една локација во ЕУ“, кажа Сорио, но тоа е објаснување што досега не ги задоволуваше претставниците на ЕУ.
-Ние исто така имавме проблеми во ланецот за снабдување во Велика Британија, рече тој. „Што се однесува до Европа, заостануваме три месеци во решавањето на грешките“, додаде тој, пренесе ДПА.