Ахмад ал-Гуфери избeгна бомба која го збриша целото негово семејство.
Кога 103 членови од неговото потесно и пошироко семејство беа убиени во напад на нивната семејна куќа во градот Газа, тој беше заглавен на 80 километри, во окупираниот град Ерихон на Западниот Брег.
Ахмад работеше на градилиште во Тел Авив кога Хамас го нападна Израел на 7 октомври – не можеше да се врати кај сопругата и трите мали ќерки поради војната што изби и израелската воена блокада.
Секој ден разговараше со нив во исто време, кога телефонските врски дозволуваа.
Непосредно пред нападот, вечерта на 8 декември тој телефонски разговарал со сопругата Ширин.
„Таа знаеше дека ќе умре“, рече тој.
“Таа ми рече да и простам за секое лошо што ми го направила. Јас и реков дека нема потреба да го кажувам тоа. Тоа беше нашиот последен разговор”.
“Каде е мајка ми? Каде е баба ми? Каде отидоа?”
Во голем бомбашки напад врз куќата на неговиот вујко таа вечер загинаа неговата сопруга и трите мали ќерки – Тала, Лана и Најла.
Тие ја убиле и мајката на Ахмад, четворица негови браќа и нивните семејства, како и десетици негови тетки, чичковци и братучеди.
Вкупно, повеќе од 100 загинати.
По два месеци, дел од нивните тела се уште се под урнатините.
Минатата недела тој го прослави роденденот на својата најмлада ќерка.
Најла ќе наполнеше две години.
Ахмад се уште се обидува да се справи со огромната загуба.
Не можејќи да ги држи телата на децата или да им направи погреб, тој сè уште зборува за нив во сегашно време, со лицето неподвижно додека солзите му течат по образите.
„Моите ќерки за мене се мали птици“, рече тој.
Сликите на девојчињата ги тргна од екраните на телефонот и лаптопот, за барем малку да му биде полесно, за да не мора да се „сече“ во стомакот секогаш кога ќе ги погледне апаратите.
Тој се обидува да состави мозаик на она што се случило од приказните на неколкуте преживеани роднини и соседи.
Му кажале дека проектилот најпрвин го погодил влезот на куќата на неговото семејство.
„Побрзаа и отидоа кај вујко ми во близина“, рече тој.
Петнаесет минути подоцна и таа куќа беше погодена од бомба од борбен авион“.
Четирикатницата во која беше убиено семејството беше зад аголот од медицинскиот центар Сахаба во населбата Зејтун во градот Газа.
Сега тоа е куп испукан бетон, руина проткаена со само неколку бои: зелена пластична чаша, парчиња правлива облека.
Хамид ал-Гуфери, еден од преживеаните роднини на Ахмад, изјави за Би-Би-Си дека кога почнале нападите, оние кои побегнале по ридот преживеале, а оние кои барале засолниште во куќата биле убиени.
„Тоа беше како огнен појас“, рече тој.
„Погодени се уште четири куќи до нашата. Маваа по куќите на секои 10 минути.
„Таму имаше 110 луѓе од семејството Гуфери – наши деца и роднини“, рече тој.
„Сите беа убиени, освен неколкумина од нас“.
Преживеаните велат дека најстарата жртва била 98-годишна баба; најмладото момче – родено само девет дена порано.
Друг преживеан роднина, исто така по име Ахмад, опиша две големи експлозии по воздушниот напад.
„Немаше претходно предупредување“, рече тој.
„Ако некои не избегаа, мислам дека ќе имаше стотици мртви.
„Оваа област сега изгледа сосема поинаку. Имаше паркинг, складиште за вода и три куќи плус една голема куќа. Бомбите го уништија целиот станбен простор.
Хамид рече дека преживеаните ваделе тела од урнатините до раните утрински часови.
„„Авионите прелетуваа над нас, а пукаа од хеликоптерите додека ние се обидувавме да ги извлечеме“, изјави братучедот Ахмад.
„Седевме во куќата и се најдовме под урнатините“, изјави Ум Ахмад ал-Гуфери за Би-Би-Си.
„Ме влечеа од едната на другата страна. Не знам како ме извлекоа. Ја зјапавме смртта во очи“.
Два и пол месеци подоцна, тие се уште се обидуваат да најдат некои тела затрупани под урнатините.
Семејството собрало пари за да изнајми мала машина за копање.
„Извлековме четири тела“, изјави Ахмад за Би-Би-Си, „меѓу другите, сопругата на брат ми и мојот внук Мухамед, кои беа извлечени на парчиња. Тие беа под урнатините 75 дена“.
Нивните привремени гробници лежат на празно земјиште во близина, обележано со стапови и пластична покривка.
Ахмад, кој беше заглавен во Ерихон, не ги посети.
Што направив и што сум крив што останав без деца, мајка, жена и браќа?“, прашува тој.
„Сите тие беа цивили“.
Ја прашавме израелската војска за тврдењата на семејството дека било цел на воздушни напади.
Како одговор, војската рече дека не знаела за нападот и дека нејзините сили презеле „изводливи мерки на претпазливост за да ја ублажат штетата врз цивилите“ во војната со Хамас.
Имаше интензивни борби меѓу израелските сили и вооружените лица на Хамас во областа Шеџаја, неколку блока јужно од домот на Ал-Гуферија, во деновите непосредно пред и по убиството на семејството на Ахмад, велат тие.
Во дневното соопштение на 9 декември, војската соопшти дека „идентификувала голем број терористи вооружени со противтенковски проектили“ кои им се приближувале на војниците во Шеџаја и побарале поддршка од хеликоптер.
Областа Зејтун, каде што порано била куќата на семејството, сега е центар на новите операции на израелската армија.
Ахмад сè уште понекогаш им се јавува на преживеаните роднини во Газа од Ерихон.
Но, по неколку месеци заглавен и очаен да се врати, тој сега не е сигурен дали тоа некогаш тоа ќе се случи.
„Мојот сон е уништен во Газа“, рече тој.
„Кај кого да се вратам? Кој ќе ме нарече „тато“? Кој ќе ме нарече „мил“? Жена ми ми рече дека јас сум и цел живот. Кој ќе ми го каже тоа сега?“.