Ромско семејство од околината на Ново Место во Словенија поднело тужба до Европскиот суд за човекови права во Стразбур во која се жали дека државата не му овозможува основни животни услови бидејќи со многуте деца живее во населба без струја, канализација и вода.
Бидејќи правото на вода за пиење е основно човеково право, наведено и во документите на ОН, на Словенија во овој случај веројатно и се заканува осуда во Стразбур и ќе мора на Ромите да им изгради водовод, пишува денеска љубљански „Дневник“.
Весникот додава дека судот во Стразбур веќе донел пресуда во корист на ромското малцинство во еден многу сличен случај, кога му се обратиле Роми од Бугарија, кои, исто така, тужеле дека државата не им овозможува градење на основна инфраструктура потребна за животот.
Од триесетина илјади Роми, колку што живеат во Словенија, најтешка е ситуацијата со оние во јужните делови на земјата, таканаречените долењски Роми, чии населби се изградени главно без дозвола и на државна земја и не се „легализирани“, заради што многу општини тврдат дека во нив, доколку се почитува законот, не може да се доведе вода за пиење, електрична струја и канализација.
Судскиот предмет на анонимното ромско семејство, кое во заштитата на своите основни права се обрати до Стразбур со помош на една позната љубљанска адвокатка и организацијата Амнести Интернешенел, можно е, ако позитивно се одлучи, да биде преседан и позитивен сигнал за сите илегални ромски населби што потоа можат да сметаат на воведување на инфраструктура.