ДПА – Хамбург
Тројцата сириски бегалци кои го фатија и предадоа осомничениот терорист на германската полиција, сега се кријат, како што велат од страв дека џихадистите од Исламска држава ќе им се одмаздат.
– Тој е херој, но ако терористите го дознаат неговиот идентите, ќе му го убијат целото семејство во Сирија, рече за ДПА 20-годишниот Амар, кога зборува за неговиот сосед кого го именуваше единствено со името Али.
Али бил еден од тројцата Сиријци кои во понеделникот го предадоа на полицијата 22-годишниот Џабер Албакр, откако дознале дека го бараат како осомничен за подготовка на терористички чин и дека е поврзан со екстремистичката организација Исламска држава.
Али со помош на пријателите го фатиле Албакр, го врзале со елетричен кабел и го задржале во стан во источниот германски град Лајпциг, и ги одбиле парите кои тој им ги понудил за да го пуштат, додека го чекале доаѓањето на полицијата.
Нивниот потег стави крај на драматичната дводневна хајка на територијата на цела Германија за Албакр. Тој им избега за влакно при претресот на неговиот стан во градот Кемниц, каде властите открија скалдирани материјали, вклучувајќи и експлозиви.
– Али е исплашен и не смее да се врати дома, рече Амар. „Веројатно е отседнат некаде кај пријатели“.
Само еден од тројцата Сиријци, кој во интервјуа во германските медиуми беше именуван како „Мохамед А“, раскажуваше што се случило откако тој и неговите сонародници го врзале Албакр, Тој на интернет на веб страна за сириските бегалци барал некој да му помогне и да го сокрие.
Кога сфатиле кој е Албакр, Мохамед и покажал на полицијата негова слика направена со мобилен телефон, а во тоа време пријателите го следеле Албакр кој според властите подготвувал евентуален напад врз инфраструктурата на Берлин, бидејќи бил инспириран од Исламска држава.
– Избегав од Сирија преку Балканот, рече Мохамед за дневниот весник Билд. „Толку сум и благодарен на Германија што не прими. Затоа беше очигледно дека ќе одам во полцијата“.
Властите засега одбиваат да дадат каква било информација за тројцата сиријци, вклучувајќи ги и нивните имиња и возраста.
Хуманитарна организација која им помага на сириските бегалци ги повика властите да им дадат заштита во случај приврзениците на Исламска држава да решат да се одмаздат.
– Сигурно е дека Исламска држава нема да заборави таква постапка, рече за ДПА Хасан Зејнел Абидин, раководител на лајпцишката организација Сириан рилиф.
Градоначалникот на Лајпциг, Буркхарт Јунг, исто ги пофали тројцата сиријци дека помогнале во апсењето на Албакр.
-Тоа е огромен успех против тероризмот и покажува дека најголем дел од странците и кандидатите за азил кои живеат тука, воопшто не сакаат да имаат ништо заедничко со таа форма на радикален ислам, рече Јунг.
Околу 890,000 бегалци – повеќето од нив кои избегале од повеќе од петгодишната граѓанска војна во Сирија, дојдоа во Германија во 2015 година, откако канцеларот Ангела Меркел ги отвори границите за да можат бегалците кои беа блокирани во Унгарија да стигнат до Германија.
Низ светот ја пофалија Меркел дека помогнала да биде избегната хуманитарна катастрофа, но на внатрешен план таа беше критикувана за чекорот кој го направи за бегалската криза, со кој освен другото предизвика и длабока поделба во нејзиниот конзервативен политички блок.
Политичките тензии во Германија предизвикани од бегалската криза, се засилија во јули, откако во земјата беа извршени два напади инспирирани од Исламска држава.
Апсењето на Албакр доведе до нови барања до Меркел да бидат заострени проверките на бегалците, но одлуката на тројцата да го предададат Албакр беше дочекана како знак за добрите односи на многу од бегалците кон Германија.
– Благодарни сме му на Сириецот кој ја информираше полицијата за местото каде тој бил фатен, и тоа имаше позитивен исход за апсењето, рече официјален претставник на владата во понеделникот.
Чинот на Али и неговите пријатели предизвикаа и силно чувство на гордост меѓу сириските бегалци кои живеат во Германија.
– Го поздравувам Сириецот кој го задржал сирискиот терорист и веднаш и го предал на полицијата, ете такви треба да сме и токму така ќе ја покажеме нашата ангажираност кон безбедноста, напиша на својата фејсбук страница Монис Бухарија, сириски активист во Германија.