Регионалните националистички власти на Каталонија денеска спроведуваат „симболично изјаснување за независност“, на кое околу 5,4 милиони каталонски жители, без правно значење, треба да се изјаснат дали се за отцепување на регионот од Шпанија.
На референдумот, што и покрај противњето на Мадрид го организира регионалната Влада на каталонксиот премиер Артур Мас, Каталонците треба да одговорат на две прашања: „дали сакаат Каталонија да стане држава“ и ако сакаат, „дали таа треба да биде независна“.
На барање на централната Влада во Мадрид, Уставниот суд на Шпанија во два наврати го прогласи организирањето на референдум за независнот на Каталонија за незаконско, по што властите во Барселона се решија само на спроведување на „симболично изјаснување“ на граѓаните.
Според Мас, денешното изјаснување на Каталонците не претставува референдум и со гласањето не се кршат законите и одлуките на Уставниот суд.
Анкетите на јавното мислење покажуваат дека речиси половина од жителите на Каталонија сакаат независност од Шпанија и покрај стравувањето на локалните компании дека со евентуалната самосотјност на нивниот регион ќе го загубат пристапот до шпанскиот и до европските пазари.