Силвио Берлускони моли за пари за својата партија Форца Италија

Од:

Партијата Форца Италија на поранешен италијански премиер Силвио Берлускони, кој е осуден за даночни измами, отвори веб страна на интернет за прибирање на донации. На страната доминираат ликот и изјави на лидерот и основач на партијата.

– Со новиот закон за финансирање на партиите, ме попречија да продолжам да ја подржувам Форца Италија, стои на централно место поплаката на лидерот.

Согласно новиот закон, физички и правни лица немаат право да им даруваат на политички партии повеќе од 100 илјади евра годишно.

Уште од основањето во 1994 година, Форца Италија се декларираше како либерално-конзервативна и христијанско-демократска партија. Силвио Берлускони од самиот почеток беше истовремено и нејзин основач и сопственик. Под тоа име партијата опстојуваше до 2009 година, кога по негова желба се самораспушти за да влезе во новата политичка формација Народ на слободата.

Минатата година, Народот на слободата се подели, откако крилото на Анџелино Алфано реши да остане во владината коалиција на „големиот компромис“ со левоцентристичката Демократска партија. Следниот чекор на Берлускони беше да ја згасне Народ на слободата, и да ја основа Форца Италија, со соодветни не само политички, туку и финансиски последици.

Во моментот на партиско престројување, Народот на слободата имаше долгови преку кредити кон банките во износ од 103 милиони евра, од кои околу 73 милиони евра беа наследени од старата Форца Италија. Гарант на сите овие долгови е лично Силвио Берлускони, кој со банките потпишал договори за отплата, преземајќи ја одговорноста пред кредиторите дека целосно е одговорен за отплата на задолженијата на должниците.

Покрај тоа, тој подарил и 15 милиони евра на Форца Италија пред да стапи на сила новиот закон за финансирање на партиите.

Мултимилијардерот Берлускони и политичарот Берлускони се две различни личности. Милијарди не се прават со подарување пари, а финансиските ресурси кои биле вложени во политиката на телевизискиот магнат се инвестиција според шемата „мои се парите, мои се партиите, мои се добивките од политиката спроведувана преку тие партии“.

Приходите практично се стопија со донесувањето на конечната пресуда за даночни измами во особено голем размер, кои освен лишувањето од слобода (која беше заменета со извршување на општествено корисна работа), вклучува и забрана за извршување на јавни функции.

На состанокот на Претседателството на Форца Италија, Берлускони ја употреби фразата „Во секој миг можам да голтнам вода“. Неговиот повик на веб страната за донации е: „Подржи ја Форца Италија за следната предизборна кампања“.

Партискиот лидер, кој не може да се кандидира на изборите, е лишен од лична политичка активност. Ако политичарот Берлускони се изостави, тогаш мултимилијардерот Берлускони ќе може да го искористи целото влијание и авторитет во банкарските средини за да ги анулира долговите од кредитите на партиите што тој ги формираше.

Искористувањето на неговот имиџ за собирање на донации во корист на Форца Италија, може да се покаже како негова последна политичка кампања.

БТА – Софија

Би можело да ве интересира

Oтворен тестаментот на Берлускони: Италијанскиот тајкун подели милиони, а им напиша последна порака на децата

Телото на Берлускони ќе биде кремирано, а пепелта ќе биде сместена во мавзолеј

Берлускони ќе биде погребан со државни почести, oпелото ќе биде извршено во Миланската катедрала

Берлускони има леукемија

Горан Наумовски

Берлускони заврши на интензивна нега

Берлускони: Монца до скудетото за година-две