Што по т.н. Исламска држава

Од:

На сите верувам им е јасно дека едвај да постојат решенија, ако стратегијата на Обама во борбата против т.н. Исламска држава не дава очекувани резултати и дека сојузот кој е основан за да се спречи нејзиното напредување е толку судрен внатре во себе од различни интереси и визии.

Бомбардирањето од воздух без силно присуство на теренот е неефикасна и слаба тактика. Тоа се гледа од борбата за доминација над сирискиот град Кобане. Ако на сојузот му требаше толку време да помогне на слабо вооружените и слабо обучени курдски единици да одбранат еден град, колку ќе им треба да ги вратат сите градови кои се под контрола на оваа организација во Сирија и Ирак!?

Слон во соба, како што велат во Америка, кој никој не сака да го види и за кој не се зборува, а кој е основна причина за неефикасноста на сојузот се внатрешните судири, но и други вклучени во судирот околу тоа кој ќе ја пополни празнината која би настанала во случај на распад на т.н. Исламска држава. Затоа, иако тоа официјално никој нема да го каже во оваа фаза, никој и не размислува за распад на т.н. Исламска држава, туку само за спречување на нејзино ширење, за да не ги загрозат директно интересите на Америка и нивните сојузници во регионот.

Купување на време

Во така поставените односи, најголеми губитници се арапските сунити во Ирак и Сирија, кои се препуштени на милост и немилост на самопрогласениот калиф и неговите војници. Сунитските арапски племиња ашаир, денес се приклештени меѓу чекан и наковална, т.е. меѓу диктаторскиот режим на Башар ал Асад и прошиитската Влада во Багдад од една и т.н. Исламска држава од друга страна. Сите знаат дека без нивна поддршка оваа битка не може да се добие, во што веќе еднаш во ирачката војна се уверија и Американците во Енбар.

На оваа мнозинска популација, која сеуште не нашла начин своите политички ставови да ги артикулира низ некој облик на сериозна политичка организација, или програма, сеуште никој не смета.

Освен срамежливите најави за вооружување и обука на умерената сунитска опозиција во Сирија, никој не сака да признае дека без долгорочно решение за положбата на арапските сунити, па дури потоа за останатите малцинства и без јасна слика на идниот Блиски Исток, нема решение за појавите каква што е Исламската држава и други парадржавни и паравоени формации, кои како печурки по дожд никнуваат на овој дел од светот.

Се што се случува овие денови во и околу т.н. Исламска држава е само купување на време, додека регионалните и светските лидери не се договорат за иднината на регионот. А токму таа нивна неспособност и судир на интереси доведоа до вакуум кој го пополни т.н. Исламска држава. Во меѓувреме, сојузот се потпира на курдските Пешмерги и доминантната шиитска ирачка војска. Тоа се заканува на нарушување на односите на силите во регионот и не треба да зачудува што таквите напори не даваат посакувани резултати. Во распадот на т.н. Исламска држава, Иран, шиитските политички организации во Багдад, режимот на Башар ал Асад, но и либанската Хезболах, гледаат прилика да ја зацврстат својата власт во т.н. шиитска полумесечина и преку неа да го скршат мнозинскиот сунитски политички, но и воен отпор со таквата доминација. Саудиска Арабија, другите заливски земји, Јордан, Египет, но и Турција, тоа сигурно нема да го дозволат.

Можеби тој страв од тоа кој би можел да ја пополни политичката и воената празнина настаната со евенутален распад на т.н. Исламска држава, најдобро се гледа во позицијата која во оваа криза ја зазема Турција, како што најочигледно се виде во кризата околу Кобани.

Имено, Турција не сака да решава само проблем кој ги загрижува западните сојузници и богатите заливски земји, ако сојузничката стратегија не се позанимава со основните проблеми. За нив е неприфатливо да се оди во распад на Исламската држава без јасна слика што ќе следи потоа. Стравот од тоа дека тоа на власт ќе го зацврсти режимот на Башар ал Асад, или уште полошо, ќе ги зајакне курдските сепаратисти во регонот, е ист или поголем од стравот дека на својата граница ќе ги имаат фанатичните војници на калифот, кои претседателот Реџеп Таип Ердоган и неговата партија АКП ги сметаат за одметници од верата, а Турција ја сметаат за неверничка држава.

Да биде состојбата уште покомплицирана, а што веќе е, ниту во тоа што можеме да го наречеме сунитски блок инволвиран во сириско-ирачката криза не постои консензус околу тоа кој би ја наследил Исламската држава. Имено, веќе некое време трае студена војна меѓу Турција и Катар на една и меѓу Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати на друга страна, околу можностите партиите и организациите поврзани со Муслиманските браќа да играат било каква улога во поличкиот, но и општествениот живот во арапските земји.

Врв на тој судир беше симнувањето од власта на египетскиот претседател Мухамед Мурси и доаѓањето на власт на генералот Сиси. Затоа не е чудно што Турција и Саудиска Арабија не можат да се согласат ни околу тоа, кој од сириската опозиција, но и таа ирачката, треба да ја предводи државата во случај ако се порази ИД и се симне режимот во Дамаск.

Антидржавна творба

За Саудијците е неприфатливо која било групација поврзана со Муслиманските браќа или идеи на т.н. политички ислам, но и било која друга која во идеите на партијата АКП и на турскиот модел на демократија гледа пример, да има било каква улога во идната Сирија и Ирак. Турците, пак, не сакаат вахабистичка држава на своите граници, која за нив не е ништо помалку проблематична од курдската, шиитската или калифатската.

Добро упатените во случувањата во сириската опозиција тврдат дека токму тој судир ја ослабел и разединил опозицијата и ја ослабел нејзината воена и преговарачка позиција во судирот со режимот и на големо придонел за јакнење на алтернативни организации каква што е Исламската држава или Даиш.

Како и да е, Исламската држава по својата природа е антидржавна творба (ако под држава ја подразбираме нејзината современа манифестација) и нејзиниот надетнички и наддржавен карактер создаде незамисливи проблеми на регионалните и светските сили кои навикнале меѓународната политика да ја водат со вообичаени методи и јасно дефинирани државни цели. Всушност, калифатот стана важен фактор на регионалната и светската политика, но неговата наводна држава не признава никакви меѓународни рамки и правила на игра. Таа нема сојузници на кои би се извршил притисок, не држи до јавното мнение и имиџот и одлично ги користи сите слабости и судири на моменталната состојба и односите во светот и регионот.

И се додека сојузниците не се договорат што по т.н. Исламска држава, а што тешко ќе се случи, калифот може слободно да ја јакне својата држава, да тргува со нафтата, да обучува пилоти камикази, да обучува нова генерација на лојални војници и да шири меѓународна мрежа на поддршка.

Ал Џезира – Доха

Би можело да ве интересира

Германската полиција уапси маж осомничен дека е член на ИСИС

Горан Наумовски

По масакрот во Москва, Исламската држава се врти кон Европа и Америка

ИСИС-К планира уште еден терористички напад во следните шест месеци

Исламската држава ја презеде одговорноста за експлозиите во Пакистан

Турција уапси 34 лица поврзани со Исламската држава

Истанбул: Уапсен е експерт за бомби на ИСИС