Во борбите во Сирија и во Ирак досега загинале околу 60 германски државјани, како дел од екстремистичката група Исламска држава, соопшти началникот на Федералната служба за заштита на Уставот (германското контраразузнавање) Ханс-Георг Маасен во интервју за денешниот број на весникот „Велт ам зонтаг“.
Како што пренесува руски ТАСС, бројот на германски исламисти кои се упатиле во Сирија и во Ирак за да се борат на страната на Исламска држава, според последните проценки, не е помал од 550 лица.
Британските медиуми наведуваат дека претходните податоци се вртеа околу бројката од 450 исламисти.
-Околу 60 од нив „биле убиени или се самоубиле“, бидејќи најмалку девет извршиле самоубиствени напади, а 180 се вратиле во Германија, посочи Маасен.
Слично како и во другите западноевропски земји и Германија се мачи да ја запре радикализацијата на младите муслимани, од кои некои заминуваат во Сирија и во Ирак за да станат џихадисти.
Припадниците на германското контрараузнавање стравуваат дека овие млади луѓе може да се вратат и да организираат терористички напади на германска територија.
-Бидејќи Германија е дел од коалицијата против Исламска држава, таа е природна цел за приврзаниците на радикалната исламска групка, како и за Ал Каеда, предупреди Маасен.