Сенатот на САД го отфрли предлогот на демократите што ќе го спречи претседателот Доналд Трамп да употреби воена сила против Иран во иднина без одобрение од Конгресот. Гласањето се одржа само неколку часа откако Трамп изјави дека ќе размисли повторно за бомбардирање на Иран ако збогати ураниум до нивоа потребни за нуклеарно оружје.
Сенатот, контролиран од републиканците, гласаше со 53-47 за резолуцијата за воени овластувања што ќе бара од претседателот да побара одобрение од Конгресот за понатамошни воени дејствија против Иран.
Гласањето беше во голема мера поделено по партиски линии, при што демократот од Пенсилванија, Џон Фетерман, гласаше против, а републиканецот од Кентаки, Ренд Пол, гласаше за резолуцијата.
Сенатор Тим Кејн, главен предлагач на резолуцијата, со години се обидува да ја врати уставната моќ за објавување војна на Конгресот, без оглед на тоа дали на власт е републиканец или демократ.
Кејн истакна дека неговиот последен напор нагласува дека Уставот на САД јасно му дава на Конгресот, а не на претседателот, единствено овластување да објави војна, и дека секое непријателство со Иран мора да биде изречно овластено со објавување војна или со посебно овластување за употреба на воена сила.
„Ако верувате дека претседателот мора да излезе пред Конгресот, без разлика дали сте за или против војна со Иран, ќе ја поддржите резолуцијата, ќе го поддржите Уставот кој го издржал тестот на времето“, рече Кејн во говорот пред гласањето.
Многу демократи по брифинзите изјавија дека не се убедени дека нуклеарните капацитети на Иран се „уништени“, како што тврдеше Трамп веднаш по операцијата.
Противниците на резолуцијата велат дека станува збор за единствена, ограничена операција што е во согласност со овластувањата на претседателот како врховен командант, а не за почеток на долготраен воен конфликт.
Сенаторот Бил Хагерти, републиканец од Тенеси и поранешен амбасадор во Јапонија за време на првиот мандат на Трамп, рече дека предложената мерка би можела да го оневозможи кој било претседател брзо да реагира против земја која е долгорочен противник.
„Не смееме да го спречуваме претседателот во средината на криза, кога животите се во прашање“, предупреди Хагерти пред гласањето.