Петмина малезиски полициајци и двајца вооружени напаѓачи загинаа денеска во најновите вооружени судири на истокот од малезискиот дел од островот Борнео.
Според локалната полиција, постои опасност судирите меѓу припадниците на малезиските сили за бебзедност и напаѓачите дојдени од јужниот дел на Филипините, да се прошират и во други делови на Борнео.
Денешните судири кај градот Семпорна, уследија по вчерашните вооружени борби меѓу малезиските сили и филипинските напаѓачи, при што загинаа 12 Филипинци и двајца полицајци.
Судирите на Борнео започнаа пред три недели кога група вооружени лица од јужните филипински острови упаднаа на малезиска територија во близина на границата со Индонезија.
Според малезиските власти, станува збор за меѓу 100 и 300 вооружени Филипинци, кои тврдат дека дошле да ја ослободат територијата што му припаѓа на нивниот исламиситчки лидер Џамалул Карим Трети. Џамалул Карим Трети пак тврди дека има право на тие територии бидејќи е наследник на некогашните султани кои управувале со држава што се протегала на делови од Филипините и на малезиската сојузна држава Сабах на Борнео.