Седум загинати во два терористички напади во Иран, спречен трет

Од:

Во два одделни напади, вооружени мажи влегоа во Парламентот на Иран и во мавзолејот на ајатолахот Хомеини, кој се наоѓа на неколку километри јужно од главниот град. Во двата, речиси истовремени напади, загинаа најмалку седум лица, соопштија иранските медиуми. Одговорноста ја презеде „Исламска држава“.

Три лица – едниот вооружен со пиштол, и двајца со автомати „Калашников” го извршија нападот во центарот на Техеран, изјави пратеникот Илија Хазрати во етерот на државната телевизија.

Друг пратеник рече дека еден од напаѓачите бил опколен од силите за безбедност и дека сите излези на зградата се блокирани, соопшти новинската агенција ИСНА. Напаѓачите убиле седум и повредиле неколку лица, соопшти Тасним.

Еден човек се саморазнел на четвртиот кат во зградата на парламентот, кога специјалните единици упаднале за да ги ликвидираат напаѓачите, соопшти државната телевизија.

Според новинската агенција Тасним има непотврдени податоци дека напаѓачите зеле четворица заложници во зградата на парламентот.

– Бев во парламентот, кога започна пукањето. Сите беа шокирани и уплашени. Видов двајца мажи како пукаат неселективно, рече новинар од местото на настанот. Според иранските медиуми, Парламентот ја обновил работата по нападот.

Околу половина час подоцна, напаѓач отвори оган врз мавзолејот на основачот на Исламската република ајатолахот Хомеини и рани неколку лица, соопшти иранската телевизија „Прес“.

Државната агенција ИРНА цитира официјален извор од мавзолејот, според кого напаѓачот пукал по луѓето и потоа извршил самоубиствен напад со бомба. Гувернерот на Техеран рече дека еден напаѓач се саморазнел во мавзолејот, а друг напаѓач е убиен од силите за безбедност. Според него, во инцидентот загинал и еден вработен во Мавзолејот.

Ирански медиуми јавуваат и за жена која се саморазнела до мавзолејот, но не е јасно дали таа е бомбашот-самоубиец, за кој зборуваше гувернерот.

Според иранското Министерство за разузнавањето двате напади се терористички.

Иранското Министерство за разузнавање соопшти дека спречило и трет терористички напад и апелираше луѓето да го избегнуваат јавниот транспорт.

За овие напади, одговорноста ја презеде „Исламска држава“.

„Борци на Исламска држава го нападнаа мавзолејот на Хомеини и седиштето на Парламентот во Техеран”, соопшти агенцијата на џихадистите „Амак“.

Би можело да ве интересира

Врховниот лидер на Иран: Покажавме моќ во нападот врз Израел

Орце Костов

ВИДЕО: Воздушен напад во Ирак, експлозии во база на проиранската милиција

Катерина Ѓуровски

(ВИДЕО) Иранската државна телевизија IRIB ги минимизираше извештаите за израелскиот напад

Иран: Немаше ракетен напад, соборивме израелски беспилотни летала

Горан Наумовски

ABC News: Израелски проектили погодија локација во Иран

Нов состанок на воениот кабинет на Израел