Триесет и петгодишната Марјам ал Мансури, првата жена пилот во Обединетите Арапски Емирати, учестуваше во воената акција против Исламска држава во Сирија, потврди Јусеф ал Отаиба, амбасадор на оваа држава во САД.
Таа во 2007 година дипломирала на Воздухопловната академија Калиф бин Зајед во Абу Даби и има искуство со пилотирање со воените авиони „Ф-16“.
Во директното јавување во утринската програма на американскиот канал „МСНБЦ“ под име „Морнинг Џо“ таа зборуваше за посветеноста на УАЕ во борба против ИСИС и екстремизмот.
-Ќе направиме се што е потребно за да ги победиме ИСИС и другите облици на екстремизам -изјави таа.
Пред неколку месеци во интервју за „CNN“ мајор Мансури рече дека никогаш не сакала да се натпреварува со своите машки колеги, туку сама со себе за да го прошири своето знаење.
Саудиската влада објави фотографија на принц Халед бин Салман од борбен авион „Ф-15“, со што е ставен кралски печат на согласноста за воена акција против Исламска држава.
Како што пренесуваат медиумите принцот управувал со еден од четирите саудиски авиони, откако воздухопловните сили на Саудиска Арабија, Јордан, Бахреин, Катар и Обединетите Арапски Емирати им се придружија на САД во акцијата против цели на ИСИС во Сирија.
Инаку принц Халед е син на саудискиот премиер, министер за одбрана и претстолонаследник, принцот Саламан бин Абдулазиз.
Е. Г.