САД со тужба против руски олигарх, низа акции против руските хакерски активности

Од:

Министерството за правда на САД и Федералното биро за истраги (ФБИ) денеска објавија истраги за спречување на руските криминални активности како хакерски напади и одбегнување на санкциите од страна на санкционирани лица, а по убиствата на цивилно население во Буча, Украина.

– Сите лица кои се поврзани со поддршката на корумпираниот режим на Путин се цел на нашите истраги, изјавија денеска од Министерството.

Според налог од американски суд, неделава во Шпанија била одземена јахта вредна 19 милиони долари од рускиот олигарх Виктор Векселберг, санкциониран уште од 2014 година. Mинистерството објави и дека е покрената тужба против рускиот бизнисмен Константин Малофеев „поради прекршување на санкциите на САД“.

– Ова е прва криминална тужба против руски олигарх по почетокот на руската инвазија врз Украина, изјавија од Министерството.

Малофеев, исто така, веќе санкциониран, е сопственик на руски медиуми како телевизијата „Царград“, вклучени во пропагандната машинерија на Кремљ за ширење дезинформации, и се обидуваше да отвори свои редакции во повеќе европски земји..

– Ова лице направило трансфер на акции преку банка во Тексас на име на бизнис соработник, и овие повеќемилионски средства се запленети, наведува Министерството.

Кристофер Реј, директорот на ФБИ истакна дека се прекинува работата на руската платформа „Хидра“, дел од таканаречаниот „дарк нет“ каде се вршат нелегални трансакции со криптовалути, хакерски алатки и трговија со наркотици.

– Ние ја пресретнавме и штетната ботнет програма чије цел е да се нападнат серверите за заштита на илјадници мали и средни бизниси во САД и низ целиот свет, а изработена од страна на единица на руското воено разузнавање ГРУ наречена „сендворм“ тим, изјави Реј.

Тој изјави дека овој тим со слични алатки извршил хакерски напади во Украина во 2015 и 2017, против ЗОИ во 2018, серијата напади на Грузија во 2019 година и други.

Одлучните чекори на ФБИ и Министерството за правда се преземаат истовремено со новиот пакет санкции против руски банки и официјални лица за кои денеска објави администрацијата на САД. Санкциите се синхронизирани со оние што денеска ги објавуваат и европските сојузници.

Новите санкции се однесуваат и на забрана за западните компании да инвестираат во Русија, а се одговор на воените злосторства во Буча, за кои Вашингтон, Брисел и Киев ја обвинија Москва.

Извор: МИА

Би можело да ве интересира

Кремљ: Ударот со хиперсонични ракети е предупредување за Западот

Американската разузнавачка служба ги предупреди одбранбените компании за заканата од руска саботажа

Таен прекин на летовите во дел од Русија

Медведев за лансирањето на „Орешник“ во Украина: Добивте тоа што побаравте

Чувар на американската амбасада во Осло уапсен под обвинение за шпионажа

Горан Наумовски

Русија: Ја предупредивме Америка за нападот