Вашингтон, Пекин и Москва денеска апелираа на намалување на тензиите и на избегнување на ескалации на спорот меѓу Индија и Пакистан.
Државниот секретар на САД, Мајк Помпео изјави дека Индија и Пакистан мораат по секоја цена да избегнат ескалација на судирот, по акцијата на Военото воздухопловсѕво на Пакистан, во која беа соборени два индиски авиони.
Помпео информира дека разговарал со неговите колеги од Индија и Пакистан и ги предупредил дека треба да имаат директна комуникација за да избегнат воени активности.
Во исто време и Кина ги повика Индија и Пакистан на воздржаност.
Министерството за надворешни работи на Кина соопшти дека побарало Индија и Пакистан да се воздржат од натамошна ескалација на судирот.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков изјави дека Русија изразува загриженост поради растечките тензии меѓу Индија и Пакистан и ги повикува двете земји да се воздржат од натамошна ескалација на судирот.
– Многу сме загрижени поради последниот развој на настаните и ја следиме ситуацијата. Ги повикуваме двете страни да се воздржат од ескалација на тензиите, рече Песков.
Тензијата почна да расте по самоубиствениот напад во индискиот дел Кашмир, во кој загинаа најмалку 40 припадници на Вооружените сили на Индија.
По нападот индиски воени авиони почнаа напади врз бази на екстремистите во пакистанскиот дел на Кашмир, а денешната акција на Военото воздухопловство на Пакистан беше одговор на тоа.
Пакистан претходно деенска соопшти дека соборил два индиски воени авиони, само ден откако индиски борбени авиони почнаа воздушни напади на територија на Пакистан, во знак на одмазада за воениот напад врз индиските трупи во Кашмир на 14 февруари, во кој загинаа најмалку 40 војници.