Ромпуј: Постигнувањето на спогодба за буџетот на ЕУ е можно

Од:

Претседателот на Европската унија Херман Ван Ромпуј предупреди дека се потребни „болни“ решенија за новиот буџет на ЕУ за периодот 2014-2020 година.

– Да завршиш повеќе работи со помалку пари е навистина голем чекор. Сепак тоа е  болно дури и кога кратењата се рамномерно распределени. Поради тоа треба да покажеме чувствителност и реализам, но не треба да заборавиме дека тој буџет е буџет за остатокот од деценијата, изјави Ромпуј пред лидери на Унијата.

Според него европските лидери треба да го имаат предвид интересот на Европа истовремено со националните интереси. – Постигнувањето на спогодбата е неопходно и тоа е во рамки на нашите можности, додаде тој.

Самитот на ЕУ во Брисел почна вчера, а дискусиите траеја само околу еден час, пред да бидат прекинати, со цел лидерите да можат да го разгледаат преработениот предлог-буџет на Унијата, претставен од Ромпуј.

Тој во најновиот нацрт-буџет предлага зголемување на средствата за земјоделците и сиромашните региони, но истовремено го задржува нивото на трошоците од претходниот предлог. Трошоците за истражувања, енергетика и транспорт ќе се намалат за 13,2 милијарди евра, додека за регионална помош ќе се зголемат за 10,6 милијарди евра, а за земјоделството за 7,7 милијарди евра. Генерално предлогот на Ромпуј предвидува намалување за 80 милијарди на износот на буџетот, предложен од Европската комисија.

Претседателот на Европскиот парламент Мартин Шулц изјави на прес-конференција синоќа дека сега „тешко може да биде поправен мостот над интересите на различните држави“. Тој не ја исклучи можноста за неуспех на тековните преговори.

– Некои држави бараат буџет по секоја цена, а некои држави бараат квалитетен буџет. Колку повеќе решението за износот на буџетот се оддалечува од предлогот на ЕК, толку е поверојатно дека ЕП нема да го поддржи, рече Шулц.

Сомневање околу можноста да биде постигната спогодба за буџетот оваа недела изрази и германскиот канцелар Ангела Меркел.

– Сметам дека ставовите се доста оддалечени по одредени прашања. Сметам дека ќе се придвижиме малку нанапред, но се сомневам дека ќе постигнеме резултат, изјави Меркел по завршување на првиот ден од самитот.

Францускиот претседател Франсоа Оланд изјави дека не е задоволен од новиот предлог за буџетот и предупреди дека ќе продолжи да бара повеќе за субвенции за земјоделството и за регионалната помош.

Би можело да ве интересира

Дејвид Гир од Тетово: Сакаме да работиме со сите кои го унапредуваат патот на земјата кон ЕУ

Амбасадорите на ЕУ се согласија да стават уште четири руски медиуми на листата на санкционирани

Стано: ЕУ очекува новите власти на Северна Македонија да продолжат со успешниот пристапен пат

ЕУ: Замрзнатите руски средства ќе се користат за воена помош за Украина

ЕУ постигна договор за користење на замрзнатите руски средства за воена помош за Украина

Писонеро: ЕУ очекува сите политички сили во Македонија да го поддржат напредокот на европскиот пат

Орце Костов