Ромите во Европа и натаму се доживувани како граѓани од втор ред, соопшти на својот сајт француската филијала на „Амнести интернешенел“ по повод Меѓународниот ден на Ромите.
Пристапот до училиштата за ромските деца е пат поплочен со пречки, констатира оваа организација за правата на човекот.
Според неа, во Франција, Чешка, Грција и Словачка добредојден е секој претекст за превенирање на пристапот на Ромите до училиштата.
Често пати ромските деца се злоупотребуваат затоа што им се одбиваат молбите за запишување во училиште или, пак, овие деца се запишуваат во одделни паралелки.
Дискриминацијата и малтретирањето на ромските деца во училиштата и натаму е честа пракса.
Во Чешка, на пример, премногу ромски деца има во училиштата за деца со лесна попреченост во развојот. За време на посетата на претставниците на „Амнести“ на Грција, во ромското гето Софос, во
Аспропиргос, место во близина на Атина, ромските деца раскажале дека имат страв од малтретирање во училиштето. При посетата на „Амнести“ на Словачка било констатирано дека властите користат метални фургони во близина на ромските гета за по пониска цена да оформат специјални училишта за ромските деца.. Во Франција само 11 проценти од Ромчињата, на возраст од седум до 15 години, одат на училиште, покажа едно истражување од 2011 година.
На многу ромски деца им било одбиено запишување во училиште, покажа истражувањето на Европскиот центар за правата на Ромите.
Според „Амнести интернешенел“ овие појави на дискриминација не можат да бидат толерирани. Европската комисија треба да продолжи да врши притисок врз земјите членки да го почитуваат европското законодавство против појавите на дискриминација.