Реакции на „одлуката“ на Трамп за Договорот за иранската нуклеарна програма

Од:

Обраќањето на американскиот претседател Доналд Трамп пред Генералното собрание на Обединети нации предизвика реакции и несогласувања кај меѓународната заедница.

Реакциите пред се, се за неговата закана дека Северна Кореја ќе биде „целосно уништена“ ако ги загрози САД, додека нуклеарниот договор со Иран го нарече „срамен“ и порача дека светските лидери не можат да се држат до документот, ако тој овозможува продолжување на иранската нуклеарна програма.

Договорот меѓу Иран и петте постојани земји членки на Совет за безбедност на ОН плус Германија, потпишан е во Виена во 2015 година, се состои од ограничување на нуклеарната програма на Техеран во замена за укинување на економските санкции против Иран.

По вчерашниот говор, Трамп денеска соопшти дека „донел одлука“ во врска со Договорот за иранската нуклеарна програма.

– Донесов одлука, одговори кусо Трамп на новинарско прашање во врска со ставот на САД кон иранскиот нуклеарен договор.

Американската постојана претставничка во ОН, Ники Хејли денеска изјави Трамп во вчерашното обраќање порачал дека не е задоволен од нуклеарниот договор со Иран, но не и дека Вашингтон ќе се повлече од него.

– Тоа не е сигнал дека претседателот планира повлекување од договорот. Тоа е само јасен сигнал, дека тој не е задоволен од него, нагласи Хејли.

Шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров, чија земја е една од потписничките на Договорот, истакна дека Москва не се согласува со ставот на Трамп.

– Тоа е исклучително загрижувачки. Ќе го браниме овој документ, овој консензус, кој беше олеснување за целата меѓународна заедница и вистински ја зајакна и регионалната и меѓународната безбедност, посочи Лавров.

И официјален Берлин реагира на ставовите на Трамп за договорот за иранската нуклеарна програма, потенцирајќи дека не сака преразгледување на истиот.

– Договорот за нуклеарната програма на Иран треба да се почитува, а не да се доведува во прашање неговата реализација. Федералната Влада не е заинтересирана за преразгледување на договорот. Сите земји треба да работат на негова реализација, истакна заменик портпаролот на германската Влада, Георг Штрајтер.

Во меѓувреме, францускиот претседател Емануел Макрон побара проширување на нуклеарниот договор со Иран односно вклучување на мерки за ограничување на развојот на балистички ракети и продолжување на контролата на процесот за збогатување ураниум.

– Мораме да го задржиме Договорот од 2015 година бидејќи е добар за силно надгледување на актуелната ситуација и мораме да додадеме два или три столба, посочи Макрон на маргините на Генералното собрание на Обединети нации.

Претседателот на Иран, Хасан Рохани предупреди дека САД „ќе го уништат сопствениот кредибилитет“ како партнер за преговори ако се повлечат од мултинационалниот договор за иранската нуклеарна програма.

Тој на седницата на Генералното собрание на Обединети нации истакна дека се надева оти дипломатијата нема да биде занемарена од страна на „лажните дојденци во светот на политиката“.

Би можело да ве интересира

Трамп бара Бајден да помине тест за дрога пред нивниот ТВ-дуел

Жалбата на Трамп против одлуката на судијата Меркан е одбиена

Поранешниот адвокат на Трамп сведочеше дека и платил на Сторми Даниелс 130.000 долари за да молчи

Трамп не ја сака Хејли за потпретседател, ѝ посакува се најдобро

Трамп: Апсењето на студенти во Њујорк „беше убаво за гледање“

Трамп ги коментираше сведоците за време на судењето, па беше казнет со 9.000 долари