Откако сепаратистичките партии освоија тесно мнозинство во каталонскиот Парламент на регионалните избори, сменетиот каталонски лидер Карлес Пуџдемон побара од шпанската Влада да му дозволат да се врати во Каталонија за да присуствува на првата седница на каталонскиот Парламент и да стане нов лидер на Каталонија.
– Сакам да се вратам во Каталонија што побргу. Би сакал да се вратам веднаш. Тоа би била добра вест за Шпанија, рече Пуџдемон и кажа дека би било природно доколку се врати до 23 јануари, до кога е последниот рок за одржување на првата седница на Парламентот.
– Ако не ми се дозволи да положам заклетва како премиер, тоа би била голема аномалија за за шпанскиот демократски систем, рече Пуџдемон.
– Јас сум претседател на регионалната влада и јас ќе останам претседател ако шпанската држава ги почитува резултатите од гласањето, истакна тој.
Тој повика тензиите меѓу Барселона и Мадрид да се решат преку дијалог и кажа дека е подготвен да ја сослуша секоја понуда на премиерот Маријано Рахој.
– Ако шпанската држава има предлог за Каталонија, треба да го слушнеме, рече Пуџдемон додавајќи дека сака дијалог на еднакви.