Белорусија, САД и Јапонија треба да ја укинат смртната казна, изјави денеска на Светскиот ден против смртната казна, претседателот на Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ), Жан Клод Мињон.
– Ме вознемирува фактот дека во САД и натаму се изрекуваат голем број смртни пресуди, а во Јапонија нивниот број минатата година дури е и зголемен, додека се повеќе земји во светот ја укинуваат смртната казна, наведува Мињон во пишаната изјава.
Според претседателот на ПССЕ Вашингтон и Токио „одат спротивно од патот по кој се движи историјата“.
Тој ги повика САД и Јапонија, кои се набљудувачи во ПССЕ и Белорусија, кандидат за членство во Собранието да се вклучат кон консензусот, кој се формира меѓу демократските држави, за одрбана на човековите права и достоинство преку укинување на смртната казна.
Светскиот ден против смртната казна се одбележува од 2003 година на иницијатива на Светската коалиција против смртната казна, која денес обединува над 145 национални и меѓународни организации за заштита на човековите права, адвокатски здруженија, локални органи на власта и синдикати.
Меѓународното право не содржи забрана за смртната казна, но во јули 2003 година стапи во сила 13. протокол кон Европската конвенција за човекови права, насочен кон целосно укинување на овој вид на пресуда.
Според податоците на Амнести интернешнл 140 држави веќе ги укинале смртните казни, а во 58 земји оваа казна се уште постои.
Минатата година се извршени вкупно 682 смртни казни, при што оваа статистика не ги вклучува податоците за Кина.