Шпанската полиција по налог на Врховниот суд на Шпанија денеска приведе уште петмина каталонски сепаратистички лидери, меѓу кои и кандидатот за претседател на регионалната Влада на Каталонија, Жорди Турул.
Во налогот на Судот се нагласува дека тие треба да бидат задржани во притвор се додека трае истрага против нив за обид за отцепување на Каталонија од Шпанија.
Обвиненија за бунт, злоупотреби на функциите и непочитување на институциите на шпанската држава се покренати против вкупно 25 каталонски регионални лидери, меѓу кои се и петмината денеска приведени.
По денешното приведување, Турул нема да може да присуствува на утрешната дебата во каталонскиот Парламент посветена на неговиот избор за претседател на регионалната Влада.
Покрај Турул, меѓу денеска приведените каталонски лидери е и поранешната претседателка на Парламентот во Барселона, Карме Форкадел и тројца екс-министри во регионалната Влада на Каталонија.