Претседавачот со Претседателството на БиХ, Шефик Џаферовиќ денеска во Брисел се сретна со претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел со кого разговараше за европскиот пат на БиХ. Џаферовиќ при тоа истакна дека средбата со Мишел е многу важна за него, но и за цела Босна и Херцеговина.
– Со првиот човек на ЕУ разговаравме за прашања кои се однесуваат на БиХ и односите со ЕУ. Првата тема што во моментов се разговара е прашањето за руската агресија врз Украина и односот на БиХ кон тоа прашање, рече Џаферовиќ додавајќи дека Босна и Херцеговина застанала на страната на цивилизираниот свет.
За време на средбата Џаферовиќ и Мишел разговараа за актуелната политичка и безбедносна ситуација во БиХ.
– Разговаравме за ситуацијата во БиХ. Не е добра, институциите се блокирани, владата на Република Српска презема мерки за уривање на реформите на кои напорно работевме 27 години. Побарав поддршка и помош на ЕУ, наведе претседавачот на Претседателството на БиХ. Џаферовиќ истакна дека во Брисел ќе испрати јасна порака за доделување кандидатски статус на Босна и Херцеговина.
– Знам дека БиХ, за жал поради деструктивни сили, не ги исполни условите од 14 приоритети на Европската комисија, некои закони беа поништени во Домот на народите минатата недела. Сепак, имајќи ја предвид ситуацијата во БиХ, барањето за најодговорни луѓе во ЕУ е да и се додели кандидатски статус на Босна и Херцеговина, заклучи Шефик Џаферовиќ.
Покрај средбата со претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, претседавачот со Претседателството на БиХ во Брисел ќе се сретне и со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.
Извор: МИА