Претседателот на Индонезија Јоко Видодо, чија основна платформа е побрз економски развој на државата, денеска соопшти дека од 5 до 9 февруари ќе ги посети Малезија, Брунеи и Филипините.
Од неговиот кабинет денеска оценија дека оваа државна посета треба да резултира со потпишување на договори за унапредување на економската соработка која особено ќе биде усмерена на наоѓање на кредитори за поддршка на амбициозниот план на Индонезија за пораст на стапката на развој од 5,5 до 7 посто во следните пет години.
Од доаѓањето на Јоко Видодо на власт, во октомври минатата година, порасна довербата на странските инвеститори за вложувања во Индонезија. Во последните три месеци во оваа 250 милионска држава се потпишаа договори за странски директни инвестиции од над 6,3 милијарди долари.
Годинава и во 2.016 година Индонезија планира да вложи над 30 милијарди долари за модернизацијата на патниот и поморскиот сообраќај, а најмалку половина од тие средства ќе бидат странски инвестиции.
Индонезија и по број на жители и по економските резултати е водечка држава во АСЕАН, со лански БДП од над 1.000 милијарди долари.