Претседателот на Индонезија Јоко Видодо денеска соопшти дека во оваа 256-милионска држава до 2025 година ќе бидат изградени нови електроенергетски капацитети со инсталирана моќност од 35.000 мегавати.
Тоа е, всушност, задача која ја промовираше претходната власт во Индонезија, но Видодо ја смени стратегијата прогласувајќи дека државата ќе ги штеди резервите на јаглен и нафта, а над 70 посто од новите електрани ќе даваат струја користејќи обновливи извори.
Новата енергетска стратегија ќе биде заснована на користењето на ветрот, Сонцето, геотермалните води и биомаса. Само геотермалниот потенцијал на Индонезија, кој е финасиски исплатив за користење во електрани, има моќ од 28.000 мегавати.
Претседателот Видодо најави дека ресорните министерства добиле задача да трагаат по домашни и странски инвеститори кои се подготвени да ги влжат потребните 110 милијарди долари во нови централи.
Заинтересираните ќе бидат поттикнувани со значајни субвенции и други погодности, кои како што смета Видодо, ќе се исплатат поради тоа што ќе бидат столб на економскиот развој.
Индонезија планира сегашната вредност на националниот БДП од 1.100 милијарди, во 2025 година да порасне на повеќе од 2.600 милијарди долари.