Претседателот на Генералното собрание на ОН, Волкан Бозкир, денеска ја осуди неефикасноста на Советот за безбедност на ОН, критикувајќи ги „конкурентските интереси“ на членките за време на дискусијата за реформата на ова тело.
-Во многу наврати Советот за безбедност на ОН не покажа одговорност за меѓународниот мир и безбедност, кажа поранешниот турски министер, без да даде конкретни примери.
Според него, конкурентските односи на членовите на Советот за безбедност и пречестата употреба на правото на вето ја ограничија ефикасноста на ова тело на ОН.
-Дури и во некои од најитните хуманитарни кризи, Советот не даде навремен и соодветен одговор. Ова е сериозна пречка за основните принципи на ОН и заедничките напори за градење на мирот во светот, рече Бозкир.
Турскиот дипломат оцени дека се потребни многу подлабоки реформи во ОН, односно очигледно е неопходно потребна реформата на Советот за безбедност и е од императивна важност.
Од избувнувањето на пандемијата на коронавирусот Советот за безбедност на ОН одржа многу малку состаноци на оваа тема.
На телото му беа потребни повеќе од три месеци да го надмине јазот меѓу САД и Кина за на 1 јули да се донесе резолуција со која се повикува на поголема меѓународна соработка и да се поддржи повикот на генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, за прекин на огнот во конфликтните земји што би ја олеснила борбата против коронавирусот.
За време на расправата 193 членки на ОН зборуваа за употребата на правото на вето, привилегиите на петте постојани членки на Советот за безбедност (САД, Кина, Русија, Франција и Велика Британија), проширувањето на ова тело, неговата регионална репрезентативност и начинот на работа.