Пожарникарите денеска спасија неколку стотици лица кои се качија на покривот на Светскиот трговски центар во Хонг Конг и останаа заробени откако во облакодерот избувна голем пожар.
Пожарот беше изгаснат неколку часа подоцна, соопшти противпожарната служба.
Покрај стотиците лица на покривот, десетици други беа заглавени во отворените, но тесни, простории на петтиот кат.
Пожарникарите користеле скали што се расклопувале за да стигнат до нив.
Од зградата се спасени вкупно 770 лица, а 40 од нив сами излегле.
Најмалку 13 лица се префрлени во болница, од кои тројца поради повреди, а десет поради вдишување чад.
Во кулата од 38 ката има и деловен простор и трговски центар.
Прелиминарната истрага укажува дека пожарот избувнал во просторија со електрични прекинувачи, на првиот кат од трговскиот центар, а потоа се проширил на скелињата што опколувале дел од зградата.