Опожарените површини во Европа до крајот на векот би можеле да се зголемат за 39 отсто дури и во најповолното климатско сценарио, доколку не се преземат конкретни мерки за подобро управување со пожарите, покажува ново научно истражување.
Според анализата, која ја пренесува „Гардијан“, сè почестите топли, суви и ветровити услови ќе придонесат малите пожари полесно да се претвораат во големи и тешко контролирани пожари.
Во најлошото сценарио, кое предвидува глобалното затоплување да достигне 3,6 степени Целзиусови до крајот на векот, опожарената површина во Европа би можела речиси да се зголеми тројно.
„Подобрувањето на управувањето со пожарите може да помогне до одреден степен, но ако продолжиме со високи емисии, опожарените површини и понатаму значително ќе растат. Управувањето со пожарите не може да биде замена за борбата против климатските промени“, вели Маик Билинг, истражувач од Потсдамскиот институт за истражување на влијанието на климата и главен автор на студијата.
Во Европа досега изгореле повеќе од 600.000 хектари
Предупредувањето доаѓа во момент кога Европа се соочува со една од најтешките сезони на пожари во последните години.
Според податоците на Европскиот информативен систем за шумски пожари, оваа сезона во Европската Унија е трета најлоша досега, зад 2025 и 2022 година. Досега изгореле повеќе од 600.000 хектари, а во Белгија, Франција и Словачка се регистрирани рекордни опожарени површини за овој период од годината.
Со пожари во изминатите недели се соочуваа Франција, Шпанија, Италија, Грција и Хрватска, но големи пожари се регистрирани и во северните делови на Европа, меѓу кои Велика Британија, Белгија и Германија.
Научниците ги споредиле прогнозите за годишната опожарена површина во периодот од 2070 до 2100 година со моделите за периодот од 2000 до 2030 година. Главниот фактор за очекуваното зголемување, според нив, се климатските услови кои стануваат сè поповолни за појава и ширење на пожарите.
Во оптимистичкото сценарио, во кое глобалното затоплување би било ограничено на 1,8 степени, во некои региони се очекува умерено зголемување на опасните временски услови, додека во други промените би биле минимални.
Во песимистичкото сценарио, со затоплување од 3,6 степени, условите би се влошувале во речиси цела Европа.
Подобро гасење може да го ублажи проблемот, но не и да го запре
Истражувачите проценуваат дека со сегашните политики светот се движи кон затоплување од околу 2,6 степени.
Подобрувањето на противпожарната заштита би можело значително да го намали растот на опожарените површини. Во поблагото климатско сценарио, подоброто управување со пожарите би можело да ја намали опожарената површина за дури 92 отсто во споредба со сценариото во кое напорите за гасење остануваат на денешното ниво.
Сепак, научниците предупредуваат дека појавата на таканаречените мегапожари ги прави прогнозите сè понеизвесни.
Парадокс: помалку пожари, но посилни
Друго истражување покажало дека подобрувањата во контролирањето на пожарите од 1980-тите години го намалиле бројот на пожари и опожарената површина во јужна Европа.
Но, целосното гасење и на малите пожари создало парадоксален проблем – натрупување поголеми количества сува вегетација, која претставува дополнително „гориво“.
Кога ќе се создадат екстремно топли, суви и ветровити услови, таквата вегетација може да придонесе пожарите да се развијат до огромни размери.
Такви мегапожари беа регистрирани во Франција и Шпанија во текот на јули, при што повеќе од 300.000 луѓе мораа да ги напуштат своите домови.
Шумарскиот инженер Виктор Реско де Диос од Универзитетот во Леида, кој не учествувал во истражувањето, вели дека јавноста често се фокусира само на еден од факторите што доведуваат до пожари.
„Проблемот со пожарите немаше да се влошува ако одевме кон ледено доба, наместо кон глобално затоплување. Но, исто така, би бил значително помал доколку нашите предели изгледаа како пред сто години, кога имало многу помалку шумски површини“, вели тој.
