Властите во Индонезија денеска дозволија повторно да се отворат за сообраќај меѓународните аеродроми на Бали и неколку други градови во источна Индонезија, кои два дена беа затворени поради ерупција на лава и пепел од вулканот Раунг.
Повеќето аеродроми, вклучувајќи го и најфреквентниот во Денпасар, главен град на провинцијата Бали, беа затворени во четвртокот кога вулканот висок 3.600 метри почна интензивно да исфрла лава и пепел. Пепелта ги покри аеродромските писти и предизвика откажување на над 200 летови, од кои 76 меѓународни.
Затворањето на аеродромите беше причина за големи турканици и нервози на аеродромите во Индонезија, но и поголем број аеродроми во Австралија, Нов Зеланд и Јапонија, каде што илјадници патници чекаа да се нормализира ситуацијата и да го започнат „одморот од соништата’’ на рајскиот остров Бали, една од најпознатите светски туристички дестинации.
Во Индонезија, по педесетина години мирување, лани и годинава се активираа седум од вкупно 130 вулкани, кои се сметаат за активни. Тие се дел од таканаречениот „Синџир на огнот’’ во Пацификот, кој допира до Јапонија, трета земја во светот по бројот на активни вулкани. Второто место на листата на држави со најголем број вулкани се САД.