Површината на арктичкиот морски мраз падна под четири милиони квадратни километри по втор пат откако почна сателитското снимање во 1979 година, соопшти американскиот Национален центар за податоци за снег и мраз (НСИДЦ).
Мразот на 15 септември ја достигна својата годишна минимална површина од 3,74 милиони квадратни километри и сега се очекува да почне повторно да се шири бидејќи температурите почнуваат да паѓаат и сонцето заоѓа порано со почетокот на есента.
Арктичкиот морски мраз е во постојан тренд на намалување, а 14-те најниски годишни минимални површини се случуваат во последните 14 години.
Еколозите предупредуваат дека забрзаното топење придонесува за затоплување на океаните и зголемени стапки на истребување на повеќе видови.
– На северот ова беше луда година, со морски мраз на скоро рекордни ниски нивоа, топлотни бранови од 37 степени Целзиусови во Сибир и огромни шумски пожари, изјави директорот на НСИДЦ Марк Серезе.
– 2020 година ќе стои како извичник за надолниот тренд на површината на арктичкиот морски мраз. Одиме кон сезонски Арктички океан без мраз, а оваа година е уште еден клинец во ковчегот, продолжи тој.
Мерењата објавени вчера се само прелиминарен наод и може да се ревидираат бидејќи континуираното топење може уште повеќе да ја намали ледената прекривка, нагласува НСИДЦ и додава дека финална анализа ќе објави во октомври.