Граѓаните од земјите на Западен Балкан минатата година поднеле повеќе барања за азил во ЕУ, отколку Сиријците, се наведува во извештај на Европската комисија објавен денеска.
– Тоа е многу сериозно прашање кое значително го оптоварува системот, изјави во Брисел еврокомесарката за внатрешни работи Сесилија Малмстром.
Во извештајот се посочува дека барањата за азил од Србија, Македонија, БиХ, Албанија, Црна Гора и Косово го надминале бројот на апликации од Сирија, а Србија е убедливо прва со околу 22.500 од вкупно 78.000 азиланти од регионот.
Во 2013 година, во однос на претходната година, бројот на азиланти од Македонија и БиХ драстично се зголемил, главно на припадници од ромска националност.
– Ние добро соработуваме со овие земји и правиме напори да се намали бројот на азилантите, но за жал без многу успех, истакна Малмстром.
На прашање дали членките на ЕУ побарале да се активира механизмот за привремено укинување на безвизниот режим за земјите од каде доаѓаат азилантите, Малмстром одговори дека тоа се уште никој не го побарал, но дека постои таква можност.